10 точки од владината програма
1. Поинтензивен економски раст: До 2013 г. пораст на БДП од четири до пет проценти, а до 2015 г. да достигне и до седум проценти: Остварувањето на ваквите прогнози се врзува со условот да нема „посериозни надворешни нарушувања“.
2. Бизнискратија наместо бирократија: Ќе се отворат шест регионални канцеларии за засилена промоција за инвестирање во земјава и тоа во Русија, САД, Турција, Германија, Словенија и Кина. Ќе се продолжи и со маркетинг- кампањите во странски медиуми.
3. Зачленување на Македонија во ЕУ и во НАТО: Владата во идниот мандат ќе му биде посветена на членството во НАТО, започнување на преговорите и зачленување во ЕУ, а една од точките е и „продолжување на грчко-македонскиот политички дијалог, врз основа на веќе утврдената стратегија и принципи“.
4. Реформи во судството: Новини при изборот на судиите, системот на кариера, следење и оценување на работата, како и разрешување и утврдување дисциплинска одговорност врз основа на утврдени критериуми.
5. „Скопје 2014“: Објектите од овој проект, како што се Музејот на ВМРО, Стариот театар и Триумфалната порта, влегуваат и во оваа програма на владата, каде што се вградени и некои споменици и обележја од програмата на ДУИ.
6. Јавна администрација: Не се предвидува намалување на администрацијата, туку се планира до крајот на идната година да се заврши процесот на трансформација на договорите на дело со трајно вработување.
7. Електронско гласање: Систем со кој на наредните избори ќе се гласа преку интернет, е една од мерките во делот на информатичкото општество.
8. Продолжување со субвенциите: Во идниот четиригодишен мандат да се поделат 670 милиони евра за развој на земјоделството.
9. Пензионери на бања: Владата преку социјалната програма планира до 2015 г. да испрати на бања околу 40 илјади пензионери.
10. Воведување телемедицина: Медицина на далечина, онлајн- едукација и набљудување на болните. Пациентот ќе може да ги направи сите испитувања на едно место. (Св.У.) |