Уште една кривична за Даравелски
Одделението за организиран криминал поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Царинска управа, Драган Даравелски (54), кој живее во Србија, како и против четири други лица осомничени дека со разни нелегални активности ја презеле кумановска „Бисерка“. Според МВР, освен Даравелски, кривично ќе одговараат М.М. (46) - поранешен управител на фирмите „Скотиха тихама оверсис“ од Скопје и „Арарат“ од Никшиќ, кој веќе е во „Идризово“ поради малверзации во друг случај, потоа М.Ј. (56) - поранешен претседател на УО на „Бисерка“, З.Ј. (55) - поранешен судија и претседател на кумановскиот суд и Б.П. (62) - финансиски директор на „Бисерка“. Како што се наведува во пријавата, Даравелски пред десетина години ја создал групата, чии членови, во зависност од положбата, функцијата и овластувањата што ги имале во фирмите, односно институциите во кои биле вработени, зеле активно учество и дале придонес во извршување на нелегалните активности, односно вршење кривични дела, со цел целокупниот движен и недвижен имот на „Бисерка“ да го присвојат за себе. Според МВР, тие на крајот ја добиле „Бисерка“ за три милиони евра, иако вредноста на фирмата се проценува на околу 20 милиони евра.
Против поранешниот прв цариник, Драган Даравелски, кој живее во Белград, веќе неколку години ва сила е меѓународна потерница, распишана поради низа незаконски активности, но Србија одбива да го екстрадира, бидејќи е нејзин државјанин. (Х.Р.) |