Дискриминација со стимулирање на наталитетот
Хелсиншкиот комитет смета дека со актуелните законски решенија за второ, трето и четврто дете во општините кои се со природен прираст под 2,1 промили директно се врши дискриминација врз мајките. А, со правото за парична помош да и' припаѓа само на мајката, а на таткото во исклучителни ситуации, се врши родова дискриминација. Ова се констатира во анализата на Хелсиншкиот комитет насловена како „Има ли Владата реална стратегија за борба против белата чума?“.
Потсетувајќи на законските измени, Хелсиншкиот комитет ги посочува тешкотиите во реализирањето на законот, како доцнењето на исплата на средствата и поведената постапка пред Уставниот суд за одредбата која се однесува само на општините со природен прираст под 2,1. „Гледајќи ја листата на општини кои ги исполнуваат условите, од кои само во Зајас и Осломеј поголемиот дел од населението е од албанска националност, се добива чувство дека постои и етничка дискриминација. Точно е дека листата на општини е направена врз основа на цензусот од 2,1 промили, но сепак, е симптоматично тоа што со овој цензус се влезени само две општини со над 90 отсто албанска припадност и неколку со мал процент на жители од албанска национална припадност“, се вели во анализата на Хелсиншкиот комитет.
Хелсиншкиот комитет прашува според кои критериуми е земен процентот од 2,1 промили природен прираст и каква е стратегијата на Владата за оние семејства кои сакаат второ, трето или четврто дете, а живеат во другите општини кои се лишени од финансиско стимулуирање. Имајќи ги предвид овие забелешки, Хелсиншкиот комитет препорачува да се овозможи добивање родителски додаток на територијата на цела Македонија, а носител на овој додаток да биде семејството, а не само мајката. Комитетот препорачува и измена на Законот за социјална заштита, каде што носител на право на парична помош за четврто дете би бил ед��н од родителите, а не исклучиво мајката. Од Комитетот бараат и утврдување на правата на семејствата или самохраните родители во услови на посвојување едно или повеќе деца. (Ж.Х.З.) |