Број 2936  сабота, 14 март 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter
Политика

Интервју

Ланскиот јуни не смее да се повтори

Филип Рикер, амбасадор на САД во Македонија

Лоши избори ќе бидат сериозен удар за иднината на Македонија и уште поважно за граѓаните кои заслужуваат да живеат во 21 век, вели Филип Рикер, амбасадор на САД

 

Љупчо Поповски

По Вашата прва служба во Скопје, кон крајот на 90-тите години, заминавте од Македонија. Дојдовте 12 години подоцна. Го забележувате ли истиот оптимизам од тие години кога се создаваше државата, во ова време?

Јас и натаму гледам држава со голем потенцијал, и на мое големо задоволство се вратив тука. Не очекував дека ќе се вратам во Македонија. Кога ме назначија за амбасадор во Македонија, бев воодушевен што ќе се вратам, бидејќи генерално имав добри сеќавања од Македонија. Отсекогаш сум бил заинтересиран за земјата поради нејзиниот потенцијал. За време на мојот престој тука од 1997-99 година, Македонија минуваше низ многу тежок период. Периодот пред 10 години беше многу тешко време - Косово, економски проблеми, политички тешкотии. Но, факт е дека разновидноста и мултиетничкиот карактер на земјата навистина се најголеми сили, исто како и во САД. И, ако вие како земја успеете да ја искористите силата што произлегува од таа различност, ако ги почитувате наследството и енергијата што ја имате, особено меѓу новите генерации, и гледате кон иднината, мислам дека иднината ќе биде подобра. Тоа е моето мислење откако се вратив тука, пред шест месеци. Се обидувам да гледам многу оптимистички кон оваа држава.



Дали мислите дека политичките групи, поголем дел од јавноста и медиумите можат да видат дека, како што рековте, етничката разновидност е нашата сила. Многу од нив сметаат дека тоа е наша слабост.

Затоа јас сум тука, да ја пренесам таа порака. Понекогаш е корисно некој однадвор да дојде и да предложи поинаква перспектива. Многу е лесно во кое било општество и држава, како што гласи изреката, да не се види шумата од дрвјата, и ако стоите во шумата може да не сфатите колку е убава (шумата). Луѓето ќе прашуваат зошто САД беа можеби најголемиот поддржувач на оваа држава од нејзината независност, во однос на дипломатска поддршка, помош, финансирање за развој, во однос на пријателство, бидејќи ние тука гледаме многу карактеристики на нашата држава. Држава која е многу независна, се бореше, но има голем потенцијал поради својата разновидност, и тоа треба да се гледа како сила.



Ние сме мала земја, не сме како Америка..

Во мала земја е уште полесно. Има многу мали држави кои се пример за успешни земји. Според старата изрека, Балканот има повеќе историја отколку што може да издржи. Но, сепак, мислам дека историјата треба да им се остави на историчарите, и да се гледа во 21 век, што има да понуди и како функционира светот во 21 век.



Во почетокот на независноста на нашата држава, македонското општество се потпираше врз улогата на амбасадорите во тоа време. Дали мислите дека се' уште ни е потребна помош од амбасадорите за да се придвижиме напред, да направиме чекори кон вистинска демократија во Македонија?

Мислам дека основите на демократијата се тука. Изборите ќе бидат тест за тоа. Тоа е една од причините поради која меѓународната заедница укажува дека сите треба да бидат свесни колку се значајни овие избори за иднината на Македонија. Одговорноста ја споделуваат сите, иако таа посебно паѓа врз раководството и институциите што ги има Македонија. Ангажирањето на меѓународната заедница не е случај само со Македонија, или малите држави и големите држави, тоа важи за сите држави во 21 век. Така е и со мојата држава. Контактите меѓу македонските лидери и претставниците на другите земји и организации ги гледам како позитивна работа.



Дали сметате дека изборната кампања досега се одвива добро?

Забележав многу позитивни знаци и набрзо ќе го видиме извештајот на ОДИХР и ОБСЕ. Постои мала загриженост, се спомнува дека луѓето, како што кажуваат поединци, се чувствуваат под притисок за нивните работни места, има притисоци посебно од оние кои работат во јавните служби, како треба да гласаат. Тоа е неприфатливо на избори. Затоа јас и колегите, и меѓународната заедница, го нагласуваме кодексот на однесување што го промовираше Националниот демократски институт, а сите политички партии во Македонија (36) го потпишаа. Би сакал да слушнам дека раководството, исто така, разговара за овие прашања, а не само за кандидатите туку за промовирање на сите овие работи, практики за добри и фер избори, за движење напред, кон 22 март.



Впечаток е дека Вашите пораки како да не се докрај сфатени, дека се еднострано сфатени. Од институциите и од власта. Како да се бараат фер и демократски избори само на денот на изборите, а не во целиот изборен процес.

Верувам дека тонот на кампањата во голема мера ја создава атмосферата на денот на изборите. Одговорноста за имање добри избори е кај сите. Во институциите кои се формирани и овластени според законот и Уставот да ги спроведат техничките аспекти на изборите. Државната изборна комисија, Општинската изборна комисија, локалните изборни комисии имаат одредени улоги што треба да ги исполнат. Лидерите треба да предводат и да промовираат одговорно однесување. Кандидатите треба да водат кампањи и да инсистираат кај своите симпатизери да ги следат само најдобрите практики. Нема простор за закани, насилство, употреба на оружје, никакво заплашување пред и за време на изборите.



Минатата година пред парламентарните избори, сите, од САД и од ЕУ, велеа дека тие се клучни избори за земјата и дека не смеат да не успеат. Но, Македонија падна на тие избори. Зошто Македонија ги повторува грешките?

За да објаснам, би ве прашал зошто се случува тоа? Она што го гледам досега, на овие избори, е дека Македонија како држава ги коригира сериозните грешки од јуни минатата година. Има простор за подобрување. Сега органите не се занимаваат со корекција на изборните списоци и ќе има поголема одговорност за органите за да обезбедат дека нема да се случуваат измами врз основа на тие изборни списоци кои очигледно имаат некои недостатоци во однос на бројот на луѓето. Принципот е едно лице, еден глас. Меѓутоа, тој процес т��еба коректно да се оствари. На гласачките места не треба да има други луѓе освен гласачите, претставниците на локалните изборни одбори, официјалните посматрачи кои се јасно означени, и никој друг. Никој не треба да разговара или да се меша со гласачите. Тоа, лично го видовме порано, во јуни. И не треба да се повтори. Морам да бидам јасен дека повторување на она што се случуваше минатиот јуни би било сериозен удар за иднината на Македонија и аспирациите за европска интеграција, и уште поважно, сериозен удар за граѓаните на Македонија кои очекуваат и заслужуваат да живеат во 21 век.



Во последниот извештај на Стејт департментот за човековите права, имаше критики за улогата на Владата кон одредени медиуми во Македонија. Може ли која било влада да се меша на таков начин во слободата на изразување?

Мислам дека постои конзистентност во овие извештаи, што значи дека треба сериозно да се разгледаат. Слободниот печат е од критично значење за демократијата. Во тоа нема сомневање во ниту една земја, во Македонија или САД. Владата не може да се меша во неговата важна работа. Критиката од медиумите е нешто со кое секоја влада и лидер мора да се соочи. Претседателот Обама беше критикуван во медиумите веднаш по стапувањето на функцијата. Во многу случаи критиките од медиумите може да им помогнат на владата или на лидерите да ги поправат грешките, да се разгледаат политиките што ги спроведуваат, да ги подобрат своите политики. Но, тоа е дел од лидерските капацитети, да се прифатат тие критики и да се одлучи дали треба или не да бидат прифатени, да се направат одредени промени, врз основа на сопствената интерпретација на лидерот кој ги претставува граѓаните. Во една демократска земја не значи дека медиумите се непатриотски кога ја преземаат улогата на заштитник на граѓаните на таа држава, туку тие извршуваат една многу важна улога за граѓаните на таа држава. Голем дел од мојата кариера сум соработувал со медиумите и лично сум бил критикуван, како и политиката што сум ја претставувал, и сум се обидувал да ја одбранам. Сум бил критикуван од медиумите од целиот свет. Како што владата има одговорност да им дозволи на медиумите да критикуваат, и да бидат слободни, така и медиумите имаат право да ги проверат своите информации и да ги искористат и да ги прифатат новинарските практики. За мене тоа е константен дијалог, отворена дебата, меѓу медиумите и власта. Тоа е дел од секоја демократија и е дел бремето на лидерството.



Економската криза се шири низ светот како цунами. Секоја земја, секако, се обидува да ги спаси сопствените интереси. Дали мала земја, како што е Македонија, може да се надева на помош и инвестиции, на пример од американската и од други големи економии, за да ја протурка оваа криза?

Би упатил мала забелешка за дел од вашите хипотези во прашањето кога велите дека секоја земја ќе реагира посебно на кризата. Во 21 век на начин како што функционира светот, како што функционира глобалната економија, сите ние сме во испреплетени односи и тоа е голема вистина за САД. Нашата економија е многу зависна од други делови на глобалната економија и, секако, глобалната економија како целина и економиите на индивидуални земји се зависни од САД. Значи, мора да преземеме координирани чекори. Наскоро во Лондон ќе се одржи самитот на Г-20, на кој ќе присуствува и претседателот Обама, и вниманието ќе биде фокусирано на координирање на тие чекори.

Оттука, мислам дека Македонија дефинитивно може да очекува помош и инвестиции од други економии, зависно од одлуките што ќе ги донесе земјата. Светот е место каде што владее конкуренција. Независен судски систем на кој можеш да се потпреш е круцијален аспект за привлекување странски инвестиции. Капацитетот да се купува и продава земја, исто така, е важен фактор, а тоа го разбравме од потенцијални американски инвеститори. Секако, од круцијално значење е и континуитетот на политиката од една до друга администрација. Имам завршено бизнис- школа, јас сум магистер по бизнис-администрација, и секогаш било јасно, особено во делот кога станува збор за странски инвестиции, дека не се обрнува толку внимание на одредени правила, туку на сознанието дека тие правила ќе останат непроменети. Значи, дека постои континуитетот на правниот систем, и инвеститорот може да очекува дека договорите ќе бидат почитувани, а судскиот систем ќе ги заштити правата на инвеститорот, неговиот третман нема да се промени само поради промени во власта. Најдобрите компании секогаш бараат можности, т��е гледаат подалеку од кризата. Македонија претставува можност за тоа. Таа е земја во која има конкуренција. Повеќе инвеститори од САД ќе бидат заинтересирани за Македонија ако земјата создаде поздрава бизнис-клима, а тоа значи обезбедување потенцијални инвестиции и работење на решавање на проблемите со кои се соочуваат потенцијалните инвеститори. Исто така, јасно е дека продолжувањето со ЕУ и НАТО-интеграцијата ќе придонесе за атрактивноста за земјата да привлече странски инвеститори. Тоа го завршува кругот и повторно не' враќа на изборите и зошто се важни овие избори за утврдување на способноста на Македонија да оди напред.



Новата администрација во Вашингтон се' уште е во фаза на екипирање. Првите посети на секретарот Клинтон беа во Азија, Блискиот Исток а третата посета беше на Брисел и Европа. Каде е Македонија на мапата на Стејт департментот?

Кога велите каде е Македонија на картата, таа е онаму каде секогаш и била. Балканот и понатаму останува приоритет за САД, како што и потпретседателот Бајден ова јасно го посочи, како и државниот секретар Клинтон кога зборуваше за Западен Балкан на Министерскиот самит на НАТО во Брисел. Како што посочивте и самите, администрацијата на Обама се соочува со големи предизвици во политиката, вклучувајќи го и продолжувањето на работата врз Ирак. Авганистан е многу во центарот на вниманието и беше дел од дискусиите со македонскиот амбасадор во НАТО, со потпретседателот Бајден, за учество во силите. Како што велевме отсекогаш, а и можете сами да видите и од историјата, постои голем континуитет во однос на интересите на Америка низ светот, од една до друга администрација. Наш интерес е да тежнееме кон стабилна, просперитетна Европа е еден пример за тоа. Основната политика, основната цел е иста уште од 1945 година.



Македонија ги чувствува САД како наш најголем пријател со години. Може ли новата администрација на Вашингтон со својата голема сила да помогне во решавањето на проблемот со името меѓу Македонија и Грција. Се сеќаваме на Ричард Холбрук во 1995 година, тогаш таа сила ги реши проблемите на Балканот. Се разбира, времињата се менуваат. Дали конечно можеме да најдеме решение?

Како што кажавте, времињата се променија, и амбасадорот Холбрук сега е фокусиран на Авганистан и Пакистан. Иако времињата се променија, ние и понатаму го поддржуваме процесот предводен од ОН за изнаоѓање решение за овој проблем. Како што и претходно се изјаснивме, ќе сториме се' што е во наша моќ да им помогнеме и на двете страни, бидејќи и двете земји, и Македонија и Грција, ни се пријатели. Ќе им помогнеме да најдат разумен компромис, но крајниот резултат останува ист како и секогаш, а тоа е дека и Грција и Македонија ќе треба да се ангажираат и да одлучат кое решение е најдобро за нив. Метју Нимиц во октомври, според мое мислење, презентираше добра серија точки. Амбасадорот Нимиц е медијатор, а не преговарач. Никогаш нема да презентира решение, туку идеи, предлози за кои и двете страни треба да се согласат да ги преговараат и да дојдат до финален компромис. Мислам дека она што го презентираше во октомври беше добра почетна точка. Тој став беше прифатен од Меѓународната кризна група. САД се подготвени да помогнат, како што многупати покажавме, но навистина зависи од двете земји, од лидерите на двете земји, да имаат волја да изнајдат решение.

Што мислите, какви карактеристики треба да има идниот претседател?

Да бидам јасен од почеток. САД, и јас лично, немаме фаворит меѓу кандидатите во оваа трка. Јас, ние, очекуваме соработка со кој и да биде избран на слободен, фер и демократски процес... Уставот на Република Македонија, што редовно го читам, ја дефинира улогата на претседателот на државата. Мислам дека граѓаните ќе сакаат да изберат кандидат кој може најдобро да ја претставува оваа држава како шеф на државата. Тој мора да биде подготвен да се состанува со странските лидери и со јавноста од странските земји, и да ги промовира интересите на Македонија. И се надевам дека со тоа Македонија ќе се сфати подобро.

На домашната сцена претседателот мора да го прифати тоа што е дефинирано во Уставот - да ги претставува сите граѓани од државата и, секако, да биде врховен командант на вооружените сили на Македонија. Повторно, верувам дека станува збор за поединец, лидер, кој ќе биде најдобар лидер, а не само политички продукт.


Статијата е прочитана 724 пати.

Испрати коментар

Од: boban.b
Датум: 14.03.2009 00:18:22
pa lanski juni ne se tepaa sdsmovci i vmrovci ,tuku vasite borci za covekovi prava ,kazete im veke ednas deka ne e vojna tuku izbori,i nemojte da ne stavate vo ist baraban .
Од: libertas
Датум: 14.03.2009 00:22:04
pope sekoja cest za ova intervju so ekselencijata fili riker.pozdrav do nego prvoto intervju za mtv go dade vo edna nasa utrinska programa ili dum-dobroutro makedonijo-se raboti za prekrasen covek kopj nas ne razbira mnogu podobro od mnogu strenzeri koi prestojuvale vo vaa ubava no siromasna i napatena zemja. negovata poraka preku ova intervju mislam deka e seriozna i sekoj treba da ja razbere kako sto treba .se slozuvam so site negovi konstatacii i so tvoite prasanja .bratuced.gud lak .boucup salutation pour voa !
Од: Mihajlov
Датум: 14.03.2009 01:23:46
Ima edna bitna razlika megju multietnichnosta vo MKD i USA. Amerika e (melting pot), raznovidnite nacii se stopuvaat vo edna i vo slednite generacii site se amerikanci i majchin jazik im e angliskiot. Vo MKD albancite kje si ostanat albanci, a nie makedonci, a kje dojde i denot koga kje izcheznat granicite megju Albanija, Kosovo i Makedonija i site albanci kje bidat zaedno.
Од: intelekt
Датум: 14.03.2009 13:09:32
gospodine cenet ambasadoru,riker dali nekoj se mesa vo vasata drzavna politika???!!!kako sto vie go pikate sekade vasiot cenet nos!!!???lanski juni,ili sekasen mart nasa rabota!!!sto sakame si pravime...ako mozeme a ne mozeme od vas mesala edni!!!!!
Од: Abre makedonche
Датум: 14.03.2009 13:35:58
Koj je ovoj da dava izjavi shto i kako da se sluchuva vo drzhavava, toa e meshanje vo vnatreshnite raboti, i zatova chavez go izbrka negoviot kolega, ili dali ednash nashiot ambasador vo njujork ste go chule da pisne glas za nekoi sluchuvanja kaj niv, abe ajde so vakvi domashni izdajnici se vide nashata idnina tuku trajte ima i daabeter.
Од: Goce, Sydney
Датум: 14.03.2009 15:14:46
Krivi se MKD-ste pecati sto im davat prostor za vakvi luge od stransvo da se mesaat vo MKD raboti. Treba MKD-ski luge (polictari, i intelektualci) da davaat mislenje na sto i kako ne nikoj drugo, i nikako nekoj ambasardor!! stom mi e gajle sto misli?!
Од: Princeza
Датум: 15.03.2009 09:03:54
Повторно и повторно истата приказна од странство ни ја трубат. На Македонците ни е досадна за слушање, а тие што треба да ја слушнат се прават глуви.

Најди! во Утрински
Политика
Изборите не се топ-тема во Штип
Селмани ја објави својата веб-страница
Не играј си со иднината - фер избори 2009
Четири години од притворањето на Тарчуловски
Валандово е најевропскиот град
Заев
Оровчанец
Не се боревме за привилегии