Стефани Наумоска
На светските избори не помагаат стриковци и вујковци!
Финалистката на „Мис на универзумот“ на Австралија, Австралијка со македонско потекло, ги наполни светските медиуми со свои фотографии и забелешки за анорексичниот изглед
Деветнаесетгодишната моделка Стефани Наумоска, австралиски модел со македонско потекло, и' стана позната на светската јавност по минатогодишното учество на изборот „Мис на универзумот“ за Австралија, каде што предизвика контроверзии со својата телесна тежина и со анорексичен изглед со кој се занимаваа многу светски весници и медиуми. Наумоска е родена во Сиднеј, но по потекло е од Македонија. Нејзините родители се од Охрид и од Скопје. Со своите деветнаесет години зад себе веќе има запишано безброј појавувања како модел во реномирани магазини, има снимено повеќе ТВ-реклами и слични ангажмани. Таа е гордост на македонската заедница во Австралија и е достоен претставник на својата земја во светот.
ПОТЕКЛО
Моите родители потекнуваат од убавата Македонија, татко ми, Зоран, е од Охрид, а мајка ми, Весна, од Скопје, додека јас сум родена во Сиднеј.
Основно образование завршив во училиштето во Анклиф, а средно во гимназијата во Блејкатс.
ПОЧЕТОЦИ И АНГАЖМАНИ
Како модел започнав да работам на 13-годишна возраст и бев изненадена кога ме известија дека сум најмладата девојка - модел што се пријавила во агенцијата за модели. Покрај ангажманите со агенцијата, паралелно бев и редовна ученичка. Во тоа време работев како модел за Fudge, Suple, Goldwell, Tigi, TVSN, а се имам појавено и во повеќе магазини, како што Cleo, Grazia, OK Magazin, NW и Ria Magazin. Секако, подоцна мој голем успех беше појавувањето на првата страница на англиската верзија на Estetika Magazin и Hairstyles only. Меѓу другото, учествував и на повеќе ТВ-реклами, како, на пример: MTV, Dominos, Taken Aut TV Show, Rosle Hogan Show, Envision Akademy и во филмот Multimilion Wolverine.
МИС НА УНИВЕРЗУМОТ
На 18-годишна возраст на Интернет ја видов рекламата за Мис на универзумот за Австралија и тогаш одлучив да се пријавам, бидејќи чувствував дека ќе можам да успеам и на тоа поле. По две недели, бев известена од комисијата дека сум влезена во потесниот круг од 32 девојки, што беше изненадување за мене, особено зашто интересот за овој конкурс беше толку голем што подоцна дознав дека на конкурсот биле пријавени дури седум илјади девојки од цела Австралија!
ОНТРОВЕРЗИИ ОКОЛУ ТЕЖИНАТА
За да се влезе во толку силна конкуренција, мора да се исполнуваат сите критериуми, таму не помагаат стриковци и вујковци. При селектирањето, јас ја имав потребната тежина, иако по природа сум слабичка, тоа не беше пречка да влезам во потесниот круг. Сепак, морам да признам дека тие денови пред настапот можеби изгубив малку во тежина, што не беше премногу забележливо. Мислам дека и весниците малку претераа со некои нереални изјави и написи дека не сум била нахранета итн. Тоа беа само новинарски небулози, но тоа е тоа, јас одам напред.
ПЛАНОВИ
Едноставно, продолжувам со модната креација и размислувам за уште едно учество на „Мис на универзумот“. Потоа или можеби наскоро сакам да пробам и на филмско платно, бидејќи чувствувам дека можам да успеам и на тоа поле, особено кога ги анализирам сите мои контакти и сугестии со луѓето од таа професија со кои сум соработувала. |