МАНИФЕСТАЦИЈА
Гурмански викенд со пиво во главниот град
Од 18 до 21 септември во Скопје ќе се случува манифестацијата под наслов „Гурмански викенд со пиво“, чија цел ќе биде да им го долови духот на главниот град на скопјани.
„Ние како Град Скопје во соработка со ’One way‘ и ’Литиум рекордс‘ сакавме да им овозможиме на нашите граѓани еден релаксиран викенд и можност да пробаат вкусна храна и да се напијат убаво пиво. Сите ќе имаат можност да пробаат од кинеска и јапонска, преку интернационална до домашна храна, вклучувајќи ја и неизбежната лесковачка скара. Локацијата ќе биде во предворјето на тврдината Кале, а Градот Скопје обезбеди две бесплатни комбиња кои ќе ги превезуваат граѓаните во периодот од 17 до 22 часот. Отворањето ќе се случи на 18 септември, а честа да ја отвори манифестацијата ќе ја има градоначалникот Трифун Костовски“, изјави Слободан Ќосев, раководител на Секторот за економски развој на Град Скопје,
на вчерашната прес-конференцијата во ресторанот „Дивино“.
Учество досега пријавиле 50 учесници - дел од нив се пиварници, а дел ресторани кои ќе ја приготвуваат храната. Што се однесува до музичкиот дел, како што изјавија од „Литиум рекордс“, изборот ќе биде разновиден и по вкусот на сите. Александра Пилева, групата „Паркети“, Канго, гостинот од Србија, Влада Дивљан, хрватската група „Лет 3“, босанскиот евровизиски преставник Лака, оркестарот „Черкези“ и Тони Китановски и уште многу други изведувачи ќе го збогатат четиридневниот настан на Кале. (И.С.) |