Брoj 2789  среда, 17 септември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Забава

Египет - почеток на авантура со нови продолженија

Модниот дизајнер Никола Ефтимов помина десетина дена во атрактивното летувалиште Шарм ел Шеик

Катерина Шекеровска

По долгото, напорно и топло лето, познатиот моден креатор Никола Ефтимов почетокот на септември реши да го искористи за оддишка во познатото туристичко летувалиште Шарм ел Шеик во Египет. Преполн со впечатоци, свежа енергија и желба за нови египетски авантури, Ефтимов, во прво лице, ја доловува атмосферата што ја нуди ова специфично место во кое веднаш по заминувањето имате впечаток дека сигурно повторно ќе му се вратите идната година.

Денот започнува со 40 Целзиусови степени



Сонцето на географските координати на Шарм ел Шеик уште во почетокот на новиот ден пече силно. Дигиталниот термометар ја покажува блескавата цифра 40 во 8 часот наутро, но тоа ни ми пречи. Лежам во сенка, намачкан со крем со заштитен фактор 60, и додека се дружам со ликовите на Дајан Сетерфилд од нејзината „Тринаесетта приказна“, а во некои други денови и со други книжевни пријатели, мене ми е убаво, всушност многу убаво. Тиркизната вода на базенот на неколку чекори од моето легло одвреме-навреме ме поканува да се освежам. А кога ќе влезам во базенот, не сакам да излезам и си велам: господи, ти благодарам за можноста да се одморам токму тука на најисфрлениот дел на Синајскиот Полуостров, токму во овој хотел, токму на ова место. И да не заборавам, во сликата недостасуваат насмеаните келнери, испотени од јакото сонце, кои постојано се грижат за гостите.

Вака би изгледало крокито за претпладневните активности. По појадокот и неколкуте часа лежење покрај базенот, се враќам во хотелот, да здивнам малку во мојата климатизирана соба, повторно туш и облекување за ручекот.

Строг код на облекување



Ме радува фактот дека, како што и прилега на хотел со пет ѕвезди, во „Иберотел гранд Шарм“ постои код на облекување. Најстрог е за вечерите, со опис на дозволените видови обувки и должина на панталоните. Храната е одлична, најчесто интернационална фузија. По првиот ден решив да ги апстрахирам сите непријатни аудиовизуелни дразби во ресторанот (детското плачење, чудесните парчиња облека на некои од гостите итн.) и да се фокусирам на храната. Покрај изобилието на свежа и закиселена салата, овошје, разни видови месо, морски плодови и слатки, ме освои вкусот на освежителната напивка од хибискус. Ми објаснија дека сиромашните луѓе што не се во можност да купат некоја брендирана напивка, многу често им ја даваат на своите деца. Се запрашав зошто токму оваа напивка не се амбалажира, сигурно добро изладена би била конкурентна на сличните производи на пазарот.

Муза



Во некои од паузите меѓу оброците на ТВ-каналот Мелоди хитс (арапска мрежа за поп-музика) ја здогледав либанската пејачка Нели Макдеси. Оваа современа инкарнација на Зенобија, Дидона и Салома со својата убавина, одличниот стајлинг и продукцијата на актуелниот видеоспот наполно ме маѓепса. Кога ја видов првпат, се насмевнав на помислата дека аранжманот „ол инклузив“ ми понуди и нова муза.

Посета на манастирот „Св. Катерина“



Посетата на африканскиот дел на Египет го оставив за некое следно патување, во некој од зимските месеци. Идејата на ова патување беше одмор, но не издржав без да одговорам позитивно на понудата за организиран излет во манастирот „Св. Катерина“. Синај е дел од библиската приказна. Синајската гора, според еврејската, христијанската и исламската традиција, е местото на кое Господ му се обратил на Мојсеј и му ги предал Десетте Божји заповеди. Патот до манастирот беше пријатен во добро климатизираниот автобус и со глетката на нестварниот пејзаж на Синајската Пустина. Првиот шок од сонцето што пржи, по излегувањето од автобусот, бргу го надминав, затоа што ова парче земја богато со минерали, низ кое одвреме-навреме поминува Бедуин качен на својата камила, не ме остави рамнодушен. Напротив, ме потресе, ме направи поскромен, ме инспирира... Кога заедно со групата туристи влегов во манастирскиот комплекс, неверојатното спокојство на волшебната архитектура здомена во топлообоените сенки ми ја прати пораката: ти си на свето место. Се чувствував привилегирано што присуствував на црковната служба во овој најстар манастир и среќен што подоцна, додека ја разгледував галеријата на икони и стари ракописи, се соочив со некои од најубавите примероци на овој вид уметност. Љубезниот монах дозволи фотографирање на делови од ова бесценето богатство.

Луксузни масажи во спа-центар



Повторно сум во хотелот и без размислување ја прифаќам понудата за масажа во спа-центарот. Се решавам за комплетен третман, што подразбира сауна, ладна бања, третман со препарати на база на кокосово млеко, турска бања, џакузи и масажа на телото. Овој хибрид од различни традиционални и нови методи на релаксирање на телото и душата, со арапска музика во заднина, беше еден од проблесоците на ова патување.

Волшебни изгрејсонца



Се сеќавам и на времето поминато во продавниците за египетски парфеми кога за малку пари ја следев претставата на пазарење, а на задоволство на трговците, се сеќавам на моментите кога некои други трговци од градот Дахаб ми продадоа наргиле според истото сценарио, потоа на нуркањето во Црвеното Море, но најмногу од се' во овие моменти додека го пишувам текстов се сеќавам на изгрејсонцата видени од терасата на мојата соба. Тие ме натераа да размислувам за повторно враќање во ова волшебно место. Овие размислувања се интензивираа откако го добив писмото од генералниот директор на „Иберотел гранд Шарм“, како одговор на моето, испратено во знак на благодарност. Решив да го споделам со вас: „Драг Никола Ефтимов, Ви посакувам пријатно попладне од ’Иберотел гранд Шарм’... Многу сум среќен и горд поради сознанието дека сте поминале прекрасно време во нашиот хотел. Јас и целиот тим се надеваме дека повторно ќе Ви го понудиме нашето гостопримство во Вашиот втор дом, далеку од оној што го имате. Во случај да планирате престој повторно кај нас, информирајте ме за Вашите специјални желби... Махмуд Бадр, генерален менаџер“. Повеќе немав сомневање, годинава започнав нова авантура што ќе има свои продолженија, а ова писмо може да биде убава лекција за нашите туристички и угостителски работници.


Статијата е прочитана 536 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Забава
Необична трансформација на егзибиционистката
Шола се откажа од наградата од 20.000 евра
Гурмански викенд со пиво во главниот град
Боки 13-ка се сели во салата „Борис Трајковски“