Еден Деловник не прави дијалог
Дали консензус во последен миг и само за едно прашање може да го поправи општиот впечаток за Македонија?
Александра М. Митевска
„Неодамна ми падна в рака еден допис од општинскиот комитет на ДПМНЕ во Кисела Вода, во кој некојси партиски десетар им пишува на активистите будно да ги следат ’сите активности на непријателот’ и редовно да го известуваат комитетот за тоа. Зборот ’непријател’ беше спомнат неколку пати во дописот“.
Оваа пикантерија, што во колумна во „Утрински весник“ ја изнесе потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев, не е само илустрација на вокабуларот што лок��лни партиски челници го користат при именувањето на своите политички опоненти. На случката од Кисела Вода може да се гледа и како на еден од мноштвото примери за тоа како, всушност, функционира дијалогот на домашната политичка сцена. Исцрпувачките кавги, тешките навреди, некриењето на личните анимозитети и неизбирањето зборови за оцрнување на противникот, отсуството на комуникација... се неодминлив дел од политичкиот амбиент, дури и за време на празници. Тактичноста, прифаќањето на аргументите на другиот или соработката во име на државните приоритети, пак, се многу ретка, краткотрајна и, главно, изнудена појава - под притисок од меѓународниот фактор или поради страв дека ќе треба да се понесе политичка одговорност поради неповолните оцени за земјава.
Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, пак, очигледно поинаку го разбира дијалогот. „Европскиот дух подразбира компромис, наместо да се повторува 'не, не, не', да се слушне позицијата на другата страна, никој нема да биде стопроцентно среќен, но тоа е европскиот дух“, изјави Баросо по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
Но, соговорникот на Баросо, се чини, не ја сфати суштината на пораката. Претседателот Иванов и во Брисел искористи можност да каже дека евроатлантската перспектива на Македонија била „закопана“ во 90-тите години од минатиот век. „Од минатото можеме само да учиме, а не да го повторуваме. Оној што бил одговорен за тоа знае што се случувало и што било понудувано, времето ќе покаже што било пропуштено“.
Ден пред празникот на независноста, двете најголеми партии во Собранието, сепак, постигнаа консензус - за промена на Деловникот. Безмалку во „пет до 12“ социјалдемократите решија да му попуштат на парламентарното мнозинство и да се вратат на координациите во парламентот, за да придонесат во новиот извештај на ЕК Македонија да добие посолидни оцени за дијалогот и за парламентарната демократија. За ВМРО-ДПМНЕ не беше лесна работа да се прифати гестот на добра волја од ривалите, но, на крај, сепак, беше испратена порака до Брисел дека Деловникот е изгласан.
Но, чинот на гласање не ја стивна бучавата што со месеци се крева околу Деловникот. Секретарот на СДСМ, Андреј Петров, вчера ги обвини пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека си ја ишкале мувата од капата, кога лажеле дека социјалдемократите ја кодошат земјава во Брисел. Петров покажа писмо, насловено со „Став на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во врска со одбивањето на СДСМ да го изгласа новиот Деловник“. Писмото било адресирано до амбасадорите во земјава и до меѓународните институции и него го потпишале 45 пратеници од мнозинството, при што, како што наведе Петров, СДСМ бил спомнат 10 пати и исклучиво во негативен контекст.
Претходно, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, искористи можност да им одржи лекција на пратениците, на коктелот во Собранието по повод 8 Септември. Читајќи меѓу редови, јасно е дека тој, всушност, ги прозва опозициските пратеници. „Спорот со името им стана алатка на некои политички субјекти за добивање дневно-политички поени. За жал, ваквите дневно-политички ставови не завршуваат само на домашната сцена, туку се префрлаат и во Брисел, односно на меѓународната сцена“, рече Вељаноски.
И следниот ден, празничната атмосфера не ги придуши отровните стрели што секојдневно летаат од „Илинденска“ кон „Бихаќска“ и обратно. Додека премиерот Никола Груевски и првиот опозиционер Бранко Црвенковски лицитираа, кој ќе биде на власт на 8 Септември в година, нивните штабови влегоа во нова преписка. „На Црвенковски, во недостаток на идеи и проекти, секоја изјава му е иста во изминативе две години. Неговото силење дека ќе се врати на власт не' потсетува на еден виц со мали Ѓокица“, соопштија вмровците. Социјалдемократите вратија дека за Груевски и фамилијата државен празник е само денот на ВМРО-ДПМНЕ, додека сите други празници ги користат како шанса да продолжат со вулгарностите и приземните реакции.
Црвенковски неодамна ги изненади новинарите кога објави дека последен пат телефонски се слушнал со Груевски пред речиси една и пол година. Иако во меѓувреме, се случија многу крупни работи во и за Македонија, на домашен и на меѓународен план, комуникацијата меѓу лидерите на двете најголеми партии, очигледно, била сведена на препукувањата меѓу нивните штабови, на вообичаените прес-конференции. Во истата пригода, Црвенковски, алудирајќи дека власта ги загрозува евроатлантските перспективи на државата, ја наметна и дилемата за што опозицијата треба да постигне консензус со власта - за постигнување или за непостигнување компромис за името.
Премиерот Груевски, пак, при неодамнешниот отчет за изминатите четири години владеење, рече дека ќе контактира со Црвенковски кога ќе има потреба за тоа и најави дека во наредниот период можеби ќе има повеќе причини за лидерски средби.
Европската комисија во почетокот на оваа недела го поздрави донесувањето на измените на Деловникот во Собранието, оценувајќи дека тоа ќе придонесе кон подобрување на ноемврискиот извештај во делот на политичките критериуми. Но, како што пренесе Радио Слободна Европа, од канцеларијата на ЕК во Македонија потенцирале дека политичката ситуација во земјава не ја карактеризираат само последните чекори што се прават за да се подобри состојбата, бидејќи извештајот има 36 поглавја. А, се пишува 365 дена во годината. |