Тодоров ги договарал цените на учебниците во четири очи
Според државните ревизори, тоа упатува на можноста од нерамноправен третман на авторите
Жаклина Хаџи-Зафирова
Министерот за образование и наука, Никола Тодоров, во четири очи склучувал договори со авторите на учебниците за четврто и за седмо одделение, а за секој учебник исплаќал и до 7 илјади евра. Ова го покажа извештајот на Државниот завод за ревизија, во кој се скенира работата на Министерството за претходната година. Според извештајот, најниската сума што ја исплаќал Тодоров по учебник е четири илјади евра, а вкупната сума по која Министерството ги откупило пр��вата за учебниците е 16,5 милиони денари, или 270 илјади евра.
„Законот за учебници не предвидува критериуми за утврдување на висината на надоместоците за откуп на авторските права ниту, пак, тие се наведени во објавените конкурси. Висината на откупените права била утврдувана во директни преговори со избраните автори на учебниците и се движи од 4 до 7 илјади евра по ракопис во денарска противвредност“, се вели во извештајот на Заводот за ревизија и се додава: „Наведеното упатува на можноста од нерамноправен третман на авторите, односно различно вреднување на откупените авторски права“. Сепак, во извештајот се потенцира дека ваквата практика е променета годинава, бидејќи сега во конкурсите се објавува хонорарот за откуп на авторските права.
Извештајот се однесува на два конкурса з�� издавање учебници за основно и за средно образование, меѓу кои: учебниците од прво до седмо одделение, како и оние за прва, втора и од трета година гимназиско образование и четврта година средно музичко-балетско и уметничко образование.
Министерот Тодоров вчера ги потврди овие информации, напоменувајќи дека морал буквално да се пазари со авторите, бидејќи тие во почетокот му барале по 30 илјади евра од учебник.
„Точно е тоа дека не постоеја критериуми за откуп на авторските права. Авторите лани ми бараа по 30 илјади евра и не отстапуваа од тоа, па морав да се пазарам со нив“, ни изјави Тодоров. Тој појасни дека одобрил само еден отсто од учебниците, додека другите ракописи пред него ги одобрил неговиот претходник, Перо Стојановски.
„Сите учебници беа одобрени од страна на мојот претходник Стојановски, додека јас одобрив можеби еден отсто. Јас ги склучував договорите за откуп на авторските права и тоа на оние ракописи што ги одобрил Стојановски, што значи, претходно беа одобрени. Тогаш само што стапив на функцијата министер и имав две можности: поништи го конкурсот - немаш книги или пазари се - имаш книги. Практично, бев притиснат до ѕид“, вели Тодоров. На тој начин, тој уверува дека успеал да заштеди 700 илјади евра од државата, бидејќи ако ги исплаќал учебниците по 30 илјади евра, за тоа, како што вели, ќе му требало сума од милион евра. „Сите автори ми бараа 30 илјади евра, што значеше дека треба да платам милион евра, а вака плативме некаде околу 200 илјади евра. Од аспект на заштеда, имам 700 илјади евра, но од аспект на процес, катастрофален. Годинава, на пример, заштедив 800 илјади евра, бидејќи во конкурсите ставив на располагање онолку пари колку што имавме во буџетот“, објаснува министерот.
Во извештајот на ДЗР се наведува и дека лани биле ангажирани 73 лица со договор на дело, иако за нив не биле обезбедени средства во буџетот. Државниот завод за ревизија утврдил недоследности во проектот „Бесплатни учебници“, бидејќи на една издавачка куќа и' е исплатен поголем аванс од договореното, што потоа е регулирано со анекс-договор и не му е направена штета на буџетот. Заводот за ревизија укажува и дека се доцнело со проектот „Компјутер за секое дете“ зашто наспроти договореното, инвентарот (столчиња, клупи и куќишта) се испорачувал во текот на целата година, а не како што било договорено. Доцнење има и кај проектот „Превод на книги од реномирани странски автори“, а се' уште недостасуваат 37 наслови.
Министерот најави дека ќе има пенали за сите задоцнети проекти. |