Се подобруваме во зборувањето македонски
Кога нема одличен резултат во образованието, добар е средниот
„Просечната оценка што ја постигнале матурантите на државната матура годинава изнесува 3,3, што е најдобар резултат во однос на постигнатите во изминатите години“, изјави министерот за образование и наука, Никола Тодоров, презентирајќи ги прелиминарните резултати од државната матура, која не ја положиле единаесет проценти од учениците, односно имаат единица барем по еден предмет.
Годинава, учениците покажале послаби познавања кај странските јазици, што е најизразено кај францускиот јазик каде што годинава средната оценка е 2,6. Од 430 ученици што го полагале овој предмет, 114, односно 26,5 проценти не положиле.
Според министерот, тоа е висок процент и затоа е потребна дополнителна анализа за состојбата. Послаби резултати има и по предметот естетика.
Средната оценка што ја постигнале матурантите по македонски јазик е 3,65. Таа е подобра од резултатите во 2010 и во 2009 година, кои изнесуваа 3,01, односно 3,28. По албански јази�� просечната оценка е 3,72, исто така, подобра од лани и преклани. Исто е и со турскиот јазик за кој матурантите се оценети со 3,61, што е подобра оценка во споредба со претходните две години.
Подобрување се забележува кај резултатите по математика, иако постојано се намалува бројот на ученици што го полагаат овој предмет.
Првичната анализа покажува дека математика полагаат само оние што се сигурни во своите знаења. Просечната оценка по математика што е постигната е 2,94, но бројот на ученици значително се намалил, односно ако во 2009 година изнесувал 4.288, годинава е 2.595.
Од следната година ќе има промени, при што ќе биде направен обид за електронско полагање со што ќе се намали субјективизмот во оценувањето и трошоците за реализација на државната матура, кои годишно изнесуваат од 23 милиони денари до 25 милиони денари. На новинарско прашање на што се должи подобрувањето на средната оценка, Тодоров вели дека тоа можеби е резултат на подобра генерација, подобро подготвување на испитните материјали или, пак, на некои процеси во тек на спроведувањето на матурата. Од година на година, оцени тој, учениците го прифатиле овој завршен тест како нивна обврска и значително повеќе се подготвуваат за завршното полагање.
На веб-страницата matura.mk ќе биде достапна апликација преку која матурантите ќе можат да пресметаат со колку бодови ќе можат да конкурираат на факултетите. (Ж.Ѓ.) |