Поглед
Политичари без одмор?
Жаклина Ѓорѓевиќ
Додека светот на секој чекор го следи францускиот претседател, Никола Саркози, и неговата бремена сопруга, Карла Бруни, па дури и каде летуваат, за македонските политичари тешко може да се дознаат какви било детали за нивниот приватен живот, а камоли каде ќе одат на летување. Тоа му доаѓа нешто како невозможна мисија.
Дали е поради високите температури или жешките преговори околу составот на идната Влада, политичарите, со исклучок на собраниските седници, како да пропаднаа в земја. Новинарите мака мачат да дознаат каков било политички став, посебно сега кога се бројат деновите за тоа кои имиња ќе се појават како нови министерски фаци. Но, не е само поради Владата. И претходно политичарите се случуваше да бидат недостапни за коментари, а ретко некој од нив ќе се „дрзнеше“ да ја каже вистината каде планира да се одмора во текот на летото.
Па, затоа новинарите се препуштени сами на себе. Мора да се потпираат на разни шпекулации дека извесен министер се с��нча на плажа во Грција. Бидејќи и онака неретко се случува информациите што доаѓаат од нивните кабинети да бидат, за жал, погрешни.
Многу често политичарите, барем овие нашиве, сакаат да се претстават како скромни, па се случува и да кажат дека, ете, за Нова година или на летен одмор ќе си останат дома, во папучи. Тоа, само за потсетување, се случи пред неколку години, во времето кога да се оди во Грција се сметаше за грев. Но, и тогаш, некои повторно го одбраа нашиот јужен сосед за летување, ризикувајќи да не бидат жигосани. Па ете, останаа живи-здрави без некој да им забележи за тоа. |