Не грижете се, гласачките ливчиња се на сигурно!
Ливчињата се чуваат под најмалку четири години, односно се' додека трае мандатот на пратениците, а потоа се уништуваат
Жаклина Ѓорѓевиќ
Политичките фаци не се единствените во државава што се под будното око на своето обезбедување. И гласачките ливчиња ги чуваат континуирано дваесет и четири часа, а нивната трајност е најмалку четири години, односно колку што трае мандатот на пратениците, градоначалниците или, пак, на шефот на државата. А потоа, како што вели законот, се уништуваат со посебна процедура.
Според објаснувањето од надлежните институции, ливчињата се водат како документиран материјал, а за тоа како и каде ќе се чуваат одлучува Државната изборна комисија. Во постапката е вклучен и Државниот архив каде што се' уште се чуваат ливчиња, но не од избори, туку уште од времето на референдумот, како и записници од претседателските избори на кои беше избран Киро Глигоров.
„Гласачките ливчиња од овие избори, како и ливчињата од претседателските избори, се чуваат ��о посебен воен објект под обезбедување и тоа најмалку четири години, односно се' додека трае мандатот на пратениците. Потоа се уништуваат по процедура што е предвидена во законот“, објаснува Борис Кондарко, претседател на Државната изборна комисија. Во ДИК појаснуваат дека ливчињата се складирани и се чуваат онака како што се предадени, запечатени.
„Кога станува збор за избор на пратеници, претседател на држава и за референдум на државно ниво, обврската за чување ја има ДИК, а кога се работи за локални избори, таа обврска ја имаат општинските изборни комисии што во соработка со општините одредуваат каде да се чуваат“, појаснуваат од ДИК.
На процедурата за уништување на гласачкиот материјал, според нив, и' претходи формирање комисија, која прво прави записник за материјал што ќе биде предмет на уништување. Потоа се бара мислење од Државниот архив дали станува збор за материјали што се од интерес на државата, а откако тие ќе дадат согласност, тогаш се уништуваат.
„Ливчињата од годинашниве избори ќе се чуваат до следните избори како доказ за она што се случувало. Тие се под надзор и не смеат да дојдат во допир со лице што не е овластено“, објаснува Диме Јуруков од Државниот архив, кој има долгогодишно искуство во оваа област. Тој додава дека се' уште се чуваат ливчињата од претходните парламентарни избори во 2008 година, а ќе се уништуваат откако ќе заврши севкупната постапка поврзана со овие избори. Ливчињата, според него, се уништуваат според норми, а за тоа мора да биде известен и Државниот архив, од кој се бара и дозвола за уништување.
„Ливчињата се уништуваат со топење во казани за преработка на хартија. Притоа, тие не треба да се расфрлаат наоколу за што постои посебна процедура што е утврдена со закон“, ни изјави Јуруков.
Во моментов, според него, се чуваат ливчињата од претседателските избори, претходните парламентарни, но и од локалните избори. Порано, вели тој, тие се чувале во самото Собрание, а сега за тоа постојат посебни објекти.
Во Државниот архив појаснуваат дека институциите одредуваат кои материјали ќе им ги дадат на трајно чување откако ќе изминат 20 години. Таков е случајот со ливчињата од референдумот. Материјалите што на Државниот архив му се даваат за трајно чување се чуваат под посебни услови на влажност и температура. |