Бизнисменка со мотика в рака
Сузана Димитриевска од село Мустафино еднакво добро се снаоѓа и со компјутерот и со земјоделството
Сања Наумовска
Современа бизнис-жена, која добар дел од денот минува пред компјутер во удобната фотелја во својата канцеларија. Дотерана, со штотуку направена фризура и модерни потпетици, тоа е Сузана Димитриевска од селото Мустафино, Светиниколско. Она што оваа енергична и весела жена, успешна фармерка и извозничка на органска храна, ја одвојува од нејзините колешки од Скопје и од другите градови е тоа што многу често знае да замине в поле и компјутерот да го замени со мотика. Како што вели самата, тоа се случува најчесто кога со сопствениот пример, а не со кавга или со закани, сака да ги засрами аргатите што забошотуваат. Заедно со нив, кога деновиве ја посети екипата на „Утрински весник“, ја обработуваше земјата од која треба да никнат нејзините први органски пиперки. Веднаш до пиперките, исто така, прв пат годинава, засадила морков, цвекло, компири... што ќе ги одгледува на природен еколошки начин. Ако успеат, �� година ќе добијат многу поголем простор на нејзините полиња и ќе бидат наменети за извоз.
„Се' ова е експеримент, мојот нов филм“, весело објаснува Сузана. „Во изминативе години многу учев и сфатив дека иднината на македонското земјоделство е во квалитетот и специјализираното производство, а не во квантитетот. Европа бара органски, здрави производи што нашата земја може да ги даде. Единствено што македонските земјоделци, од многу причини, не се свесни за тоа“, објаснува Сузана.
Едукацијата, обуката на земјоделците за современите начини на производство и обработка на земјата и информирање за модерните технологии и машини што ги има на европските пазари се она што државата треба да го направи во најскоро време за да обезбеди конкурентност на домашното производство. Сузана вели дека многу време минува на интернет во потрага по сите информации, истовремено создавајќи контакти преку кои своите производи ги пласира на странските пазари. Минатата година ја продала пченицата од своите полиња во Хрватска, а годинава договорила извоз на ’рж и јачмен, како и органско грозје, произведено без никаков третман со хемиски препарати.
„Ако успее експериментот“, се смее Сузана, „наскоро ќе извозувам и органски домати, пиперки, компири...“. Годинава на 15 хектари се засадени и еколошки дињи и бостан. Среќна е што нејзиниот пример го следат голем број од земјоделците во околината и веќе почнале да се распрашуваат за еколошкото производство, иако се' уште се држат до конвенционалните начини на одгледување производи.
„Со ова ќе ја третираш златицата кај компирот? Поарно земи и крстена водичка, помешај ги и моли му се на Господ да дејствува“, ја советувал трговецот од компанијата каде што ги набавува препаратите за третман на штетниците што се дозволени во органското производство. Но, тоа не ја обесхрабрува оваа енергична жена. Земјоделството, вели таа, и' е во крвта. Пораснала во земјоделско семејство, па кога се омажила не и' било тешко заедно со сопругот да работи на нива. Од една набрзо создале три, па уште толку и денес нивните две фирми заедно обработуваат околу 75 хектари земјиште во околината на Мустафино. Нејзината упорност ја отсликува фактот дека, кога пред неколку години при поделба на државно земјоделско земјиште, добиле ниви што со години биле запуштени и сметани за целосно неплодни, но не се повлекла, туку со многу труд успеала и денес од нив добива големи приноси луцерка.
„Мојата фирма има повеќе земја од таа на сопругот“,вели Сузана низ смеа, но, тоа не ја спречува да стаса секаде и да ги заврши сите обврски што ја чекаат во текот на денот. „Секој ден станувам во 5 часот и имам обврска да ги нахранам домашните животни. Потоа одам во канцеларијата, го прегледувам книговодството и одам во банка. Во текот на денот задолжителна е и проверката на надничарите на нивите, како и контактите со странските партнери“, вели Сузана. Додека ни го раскажува секојдневјето и' звони телефонот и договара кафе со пријателка. „И за тоа имам време, а често знам навечер да го станам сопругот и да појдеме в кафеана, да се видиме со пријателите“, раскажува Сузана.
И покрај многубројните обврски со семејството и со работата, бидејќи се омажила веднаш по завршувањето на средното медицинско училиште, вели таа, се чувствувала како да и' недостига нешто, па решила да се запише на факултет. За три и пол години завршила социјална работа и политика, како еден од подобрите студенти. Активна е и во Федерацијата на фармери, како и во повеќе невладини организации.
Почесто е дома кога ќе дојдат синовите. Постариот завршил менаџмент и размислува да продолжи на постдипломски студии во Шведска, а помалиот е студент на Правниот факултет во Скопје. Кога тие се дома секој ден семејството мора да се собере на ручек, иако признава дека во други денови, кога е зафатена со голем број обврски, ’Цептерот‘ почесто сам си готви. „Свесна сум дека имам премногу обврски, но тоа не значи дека ако ме привлече некоја нова работа во иднина, нема да се обидам да ја направам, бидејќи секогаш сум подготвена за нов предизвик, или, како што ми велат домашните, да влезам во нов филм“, вели оваа енергична жена. |