Законот не влегува во скопските најлон-кафулиња
Оградување на терасите со најлони е забрането, може само да се поставуваат маси, столови и греалки-печурки
Најлон-кафулињата почнаа да никнуваат како печурки по познатите градски собиралишта, иако Законот за градење преку Правилникот за поставување урбана опрема категорично забранува оградување на терасите со најлони. Сефте се направи на улица „Ленинова“, потоа во ТЦ „Лептокарија“, а најлон-шема веќе се тера и по маалските кафулиња во населбите.
Голем дел од сопствениците на кафулињата не кријат дека мерат и премеруваат какви најлони да стават и до каде да ги распостелат. И цела таа подготовка, а на места и започната најлон-активност, се случува пред очите на инспекторите. Тие, иако се свесни оти кафанџиите го кршат законот, на терен се' уште не реагираат.
Од Општина Центар потврдуваат дека нивна е обврската да ги казнуваат несовесните кафеанџии, но тоа ќе го стореле дури од 1 наредниот месец. Градските власти, пак, се изземат во случајов, бидејќи, како што велат, нивна должност е само да ги издаваат дозволите за поставување урбана опрема.
„Законот за градење што ја третира оваа проблематика неодамна беше сменет токму во делот со кој се дефинира што е урбана опрема, каде и кој може да ја постави и слично. Строго се забранува оградување на терасите со најлони, што значи дека општинските служби треба да реагираат на терен. Инаку, дозволено е постоење тераси и зиме, односно, поставување маси, столови и грејалки-печурки“, објаснува Неделчо Крстевски, портпарол на градоначалникот Коце Трајановски.
Иако ингеренциите се конкретно дефинирани и законот е јасен, по се' изгледа од ден на ден ќе се докажува дали поголемиот дел од кафеанџиите и зимава ќе бидат над законот, што е чест случај за време на летната шема. (Дс.Т.) |