Број 3361  среда, 18 август 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Македонија

Арамиите фрлија мерак на викендичките во Прилеп

Најмногу се крадат бакар, предмети што се направени од метал и куќни апарати

Моника Талеска

ПРИЛЕП - Викенд-куќичките во околината на Прилеп особено на теренот кај Заполшки Мост речиси половина година се цел на арамии. Најмногу се краде бакар, но и се' што е направено од метал. Сопствениците на викендичките трпат штети, кои ги проценуваат од 200 до 2.000 евра, бидејќи некои објекти се провалуваат и по неколку пати. Тие редовно ги пријавувале кражбите во полиција, но велат дека тоа досега немало никакви ефекти оти непознатите сторители и натаму без страв оперираат. Ограбените се незадоволни и предупредуваат ако полицијата не преземе мерки за да ги открие крадците, може да се случат инциденти. Тие веќе не можат да трпат некој постојано да им го уништува имотот.

Меѓу најоштетените е прилепчанецот Трајче Димоски. Неговата викенд-куќа е провалувана неколку пати. Тој вели дека крадците му одзеле се' што е направено од метал.

„Четири пати ја кршат бравата, а тоа никој не го зема предвид. Првин почнаа од бандерите, ги извадија каблите, го однесоа броилото, потоа прскалките, куќните апарати, се' што сум печалел со години. Најверојатно, некој им помага, некое стручно лице. Зашто не може толку лесно и толку храбро да се сечат кабли од струјата, кои се поврзани со бандерите. Се' искрадоа. Веќе не ја заклучувам куќата, само ја затворам вратата колку да не влегуваат кучиња и мачки. Не може вака, кој ќе ми ја плати штетата“, прашува револтирано Димоски.

На зачестените кражби која како појава кулминира во овој месец реагираат сите сопственици на викенд-куќи. Некои стравуваат јавно да говорат зашто сметаат дека крадците намерно ќе им го уништат целиот имот.

„Имав колекција на бакарни предмети чувани со генерации како семејно наследство, но и културно богатство. Се' ми украдоа, ништо не оставија. Ако полицијата преземеше мерки да ги открие сторителите, досега ќе фатеа некого.. Кражбите не се случуваат инцидентно, еднаш во годината или на неколку месеци, туку речиси секоја ноќ“, коментира сопственик на објект, кој инсистира на анонимност, бидејќи се плаши да не му се случи уште поголема штета.

Граѓаните велат дека редовно пријавуваат во прилепската полиција, дека доаѓаат екипи, вршат увид, но видливи ефекти нема. Штетите ги проценуваат од минимални 200 евра, а некои се жалат дека им се украдени и мотокултиватори, многу опрема и алати во вредност од околу 2.000 евра. Затоа сите бараат поголемо присуство на полицијата и мерки со кои ќе се врати безбедноста на викенд-населбата.

„Бараме поголема ангажираност и будност од полицијата“, вели Љупчо Шошески, а неговиот сосед Ристо Златанов додава дека полицијата треба да ја среди работата. Според него, не може за 30 дена цела Маркова Чешма да се опљачка.

Дел прилепчани го минуваат секој ден во викендичките, обработуваат градини и така ја обезбедуваат егзистенцијата. Тие се подготвени во соработка со полицијата деноноќно да го чуваат имотот за да ги откријат крадците. Притоа веруваат дека полицијата може веднаш да ги открие украдените предмети кај откупувачите на старо железо.

Наспроти овие реакции од СВР - Битола, тврдат дека сторителите се откриваат. „Полицијата постојано патролира на терен и сторителите на овие кражби се откриваат“, изјави портпаролот на битолски СВР, Ѓоко Стрезовски.


#
Статијата е прочитана 826 пати.

Испрати коментар

Од: marjan.pp
Датум: 18.08.2010 07:46:00
otpadite -se glavna alka na ovoj vid kriminal,a mvr toa go tolerira

Најди! во Утрински
Македонија
Лајмска болест кај двајца битолчани