Мрак за едни, ден за други
Кристина Лазороска, Кавадарци
Повод за писмото е написот во „Утрински весник“ објавена на 18.10.2008 година. Доколку се стави клуч на „Лотарија на Македонија“, како што беше објавено во написот, нашата држава ќе биде единствена на Балканот и пошироко, каде што пасионираните играчи на Лото и на Бинго ќе останат без својата забава.
Незамисливо е во ова време на глобална економска криза во нашата „оаза“ да им е скратена надежта на луѓето да стигнат на најбрзиот начин до лесна заработувачка ако ги нема игрите на среќа. Зошто дозволиле раководните луѓе на „Лотарија на Македонија“ да дојде до оваа ситуација, да не им се продолжат лиценците од страна на Министерството за финансии, најдобро знаат тие. Позитивно во сета ова ситуација е тоа што Владата се залага да им ја исполни желбата на своите граѓани со најавата дека следната година ќе започне да работи државна лотарија, како што функционираат во сите соседни држави. Со тоа би се постигнала и повеќестрана добивка - од една страна, ќе има нови вработувања, што е позитивно, а, од друга страна, од приходите што би ги остварувала фирмата, можат да се наменат за хуманитарни цели, како што можеме да видиме од досегашните постапки на одредени министерства на владата. Таквите постапки се за поздравување и во наредниот период треба да се продолжи со такви хумани активности. |