Со почетокот на градба на еден приватен објект на плоштадот, на местото на урнатата Народна банка во земјотресот 1963 година, се прегради кејот „13 Ноември“ за да се обезбеди пристап до градилиштето, со што практично се стави надвор од употреба еден огромен простор во централното градско подрачје и тоа она најатрактивното и најпосетеното. Преградувањето на кејот се изврши по одлука на Градот, на која граѓаните со право реагираат, револтирани само поради загубата на шеталиштето што неодамна се уреди, со пари на граѓаните, туку им се пресече и една важна комуникација кон комплексот банки и Транспортниот центар и обратно. Со ова Градот уште еднаш ја потврди својата негрижа за слободно и достоинствено движење на пешаците.
По информациите изнесени во медиумите, изградбата на овој објект е неоспорна, бидејќи ги има сите потребни документи за градба. Во случајов е спорна, проблематична, неодржлива и неприфатлива за граѓаните на Скопје дозволата за пристап до градилиштето, со која се става забрана за користење на овој атрактивен простор.
Неоспорно е дека, кога веќе се добиени сите согласности за градба, на изведувачот да му се овозможи пристап со механизација до градилиштето за дотур на материјали и опрема. Убеден сум дека овој пристап може да се обезбеди по истата траса без оградување, со негово ограничено користење, на 3-4 часа дневно во работни денови, не и празници, и тоа во период кога ова ексклузивно шеталиште не се користи, во најраните утрински часови. Рокот на градба би морал да се ограничи на максимум една година. Рокот од две години е премногу комотен за вака чувствителна локација.
Друга можност за пристап, дотур и одвоз на материјали, до објектот би можело да се обезбеди и по долниот дел на кејот, со исто така ограничено користење, со што сосема би се ослободил кејот за потребите на граѓаните. Изградбата на подземната улица до новиот објект, претпоставка е дека ќе се гради површински, да се изведува во три фази, со што ќе се избегне целосно затворање на кејот и граѓаните на Скопје ќе можат преку целиот период на градба да го користат, својот омилен простор без проблем.