„Стрелец“ се спаси од лустрација
Лустраторите побараа помош за да проверат во Белград дали досиејата „Вујко“ и „Мама“ се оригинали
Оливера Војновска
Не стивнува вревата околу дворската лустрација во албанскиот политички блок, за која сите патишта водат кон Белград. Архивите на српските служби ќе бидат клучни за тоа дали се веродостојни досиејата за функционерите на ДУИ под псевдонимите „Вујко“ и „Мама“, кои професорот од Тетовскиот универзитет, Шпенд Љуши, ги нашол во сопствениот двор. Или пак, како што тврди ДУИ, станува збор за фалсификати произведени од кујната на „војводата“, а поддржани од поранешни шефови на државна безбедност за Тетово, Гостивар и Кичево.
Лустраторите вчера побарале помош од четирите институции задолжени за соработка со нив (Архивот на Македонија, УБК, Агенцијата за разузнавање и Секторот за безбедност и контраразузнавање при Министерството за одбрана), да проверат преку соодветните институции во Белград дали се работи за оригинална документација или за фалсификат. Но, само за двата предмети „Вујко“ и „Мама“, а не и за „Стрелец“, бидејќи личноста не е на јавна функција. Членот на Комисијата за лустрација, Чедомир Дамјановски, вели дека ги разгледале материјалите што им ги достави професорот Љуши, ��еѓутоа не знаат дали тие се веродостојни. „Комисијата нема овластувања да соработува со странски служби, затоа едногласно донесовме заклучок и побаравме четирите институции во најкраток рок да ја проверат веродостојноста на материјалите во службите во Белград. И тоа само за два предмета, бидејќи едниот не подлежи на Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција. Дури откако ќе се утврди веродостојноста на документите, ќе се види дали ќе се отвори постапка за лустрација “, вели Дамјановски. Притоа додава дека му се обратиле и на професорот Љуши и од него побарале да им ги даде оригиналите, се разбира, доколку тој располага со нив.
Македонија како држава нема институционална соработка со Белград за досиејата водени од поранешната сојузна служба, што значително го отежнува расчистувањето на случајот и воопшто процесот на лустрација.
Така што, дали ќе ги добиеме посакуваните материјали од српските архиви, сепак, зависи исклучиво од добрата волја на Белград.
Премиерот Никола Груевски вчера одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ќе помогне за добивање на досиејата од Белград, потенцира дека „надлежните институции не само што имаат одврзани раце туку имаат и охрабрување да го направат тоа“. „Комисијата за лустрација е најстручна и компетентна и таа треба да ги даде насоките што треба да се направи“, смета премиерот. Груевски уште кажа дека добил уверување од коалицискиот партнер ДУИ дека лустрациската битка со ДПА ќе ја решава институционално.
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, пак, неодамна изјави дека МВР нема ингеренции да бара од Србија да ги открие и да ги достави досиејата на тајните соработници од Македонија. „Од 2000 година ние немаме такви ингеренции. Македонија донесе Закон за пристап и увид во тајните досиеја. Оттогаш и формално досиејата му се отстапени на Државниот архив“, тврди Јанкулоска, што, според неа,
е пречка за МВР да се вклучи во обезбедувањето на податоците за тајните соработници.
Поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, вели дека лустрацијата не смее да се користи за политички пресметки и дека Македонија мора да склучи договор со Србија за размена на сите досиеја, вклучувајќи ги и политичките. „Доколку сакаме да направиме вистинска, правична лустрација, клучна улога има документацијата од Белград. За да ја добиеме, ни треба договор со Србија, но, во меѓувреме, МВР треба да се обиде да ги добие материјалите по дипломатски пат. Не сакам да навлегувам во политичката битка меѓу ДУИ и ДПА, но документите што беа доставени во Комисијата за лустрација, се копии. Во таква форма не може да се направи вештачење, затоа се неопходни оригиналите“, вели Трајанов.
Некои од експертите деновиве излегоа со мислење дека папките од поранешните сојузни служби ќе се добијат со сукцесија на имотот на СФРЈ. Сепак, членот на Комитетот за сукцесија од Македонија, Виктор Габер, не сакајќи да навлегува во тоа дали ваквата документација е дел од тој процес, вели дека „се' што е архивска граѓа, ќе биде предмет на сукцесија“ и додава дека документи од сојузните архиви мора да одат преку Мешовитиот комитет. |