ДУИ крена раце од расправии со ДПА
Партнерот во Владата веќе немало да ги коментира објавените досиеја
ТЕТОВО - „Рејтингот на ДПА е на најниско можно ниво. Овој политички субјект се изолира на политичката сцена кога во јавноста излегуваат големи афери, како што е фалсификувањето службени документи. Тие немаат што друго да прават, освен на ваков начин и на блиски луѓе на нивната партија од небо да им доставуваат тајни документи во дворовите и тоа не какви било, туку на тајните служби од Белград“. Ова беше вчерашниот коментар на Абдулаќим Адеми, висок функционер на ДУИ и вицепремиер за Рамковниот договор.
На средбата со новинарите Адеми нагласи дека неговата партија нема намера во иднина да одговара на натамошните обвиненија во врска со т.н. тајни досиеја. Тој вети дека со ова прашање ќе се занимаваат надлежните институции во земјата и надвор од неа. Својата вчерашна изјава Адеми ја почна со изрека: „Не го прашувај, бидејќи сам ќе каже“. Од ова ги извлече согледувањата дека ДПА „води бескрупулозна кампања за т.н. досиеја на функционери на ДУИ, која воопшто не личи на политичка култура и зад која стои самата ДПА. Ваквиот став политичкиот опонент го потврдува со фабрикувања и предупредувања за други досијеа, кои треба да ги очекуваме во наредните денови“.
Абдулаќим Адеми рече дека ДПА за кратко време подготвува и од небо, во нечиј д��ор, да фрли други досиеја, кои „можат да паднат и во двор што не постои“.
Вчера се огласи и Исен Муслиу, кој еден ден претходно беше споменат од Талат Џафери од ДУИ за соработка со тајните служби. „Јас сум пензионер, никогаш не сум бил на политички функции ниту припаѓам на некоја политичка партија. Горд сум што сум бил во работен однос во таква служба“, рече Муслиу. Тој потсети дека работната кариера во Службата за државна безбедност ја почнал во 1979 година, а до 2002 година бил на повеќе места, од инспектор, главен инспектор па се' до началник на регионална управа на ДБК за Тетово и Гостивар. Својата работна кариера ја завршил како советник во МВР.
„Изјавата на Талат Џафери за мене, мојот син, кој сега е главен инспектор во МВР, за моето семејство, роднините и пријателите е голема навреда поради што ќе поднесам кривична пријава. Не сум бил соработник на тајните служби, туку вработен во нив“, нагласи вчера Муслиу пред новинарите на пресот што го одржа на тетовскиот плоштад. Оттаму Исен Муслиу упати неколку прашања до Талат Џафери. „Тој треба да се соочи со вистината и да види чие досие се води под псевдонимот ’Талат‘. Со Талат имаме заеднички пријател, сега советник во Министерството за одбрана на Косово. Тој човек многу добро знае како Талат стапи во контакт со тогашните челници на АНА“, вели Муслиу. Во оваа пригода Исен Муслиу до Талат Џафери упати уште едно прашање поврзано за некаква надгробна плоча со културно-уметничка вредност, за која не се знаело каде завршила во 2006 година, дали во некој музеј на Македонија или на друго место. (Г.Е.) |