Професорот што лови кодоши немал двор
Кој е Шпенд Љуши - човекот што откри три досијеа за луѓе од ДУИ
Светлана Унковска
Тетовскиот професор Шпенд Љуши, кој од тотален анонимус стана центар на вниманието откако ги достави трите досиеја за функционери на ДУИ, живее во куќа на два ката со гаража, но нема двор. Каде „мистериозниот курир“ му ги оставил папките со документи од Белград на професорот Љуши, се прашуваат тетовци, кои тврдат дека тој од влезната врата директно влегува во својата куќа, која се наоѓа во близина на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“.
Откако досиејата со псевдонимите „Вујко“, „Мама“ и „Стрелец“ ги достави до Комисијата за лустрација, професорот по географија на Државниот универзитет во Тетово стана медиумски позната личност. Љуши минатата недела прв пат се сретна со претседателот на Комисијата, Томе Аџиев. Тоа беше негово прво излегување во јавноста, но нема да му биде и последно. Лустраторите сакаат повторно да го видат за да го испрашаат за таинствениот начин на кој ги добил досиејата.
Кога ги предаде досиејата Љуши се претстави како чесен граѓанин, кој си ја извршил должноста. Но, партиската машинерија на ДУИ веднаш откри оти тој има тесни врски со нивниот политички опонент ДПА. Негова сестра е пратеничката Садие Илјази, која, пак, е сопруга на претседателот на општинскиот разгранок на ДПА. И таа, како и нејзиниот брат, немаше можност да се истакне во Собранието, поради бојкотот на пратеничката група на ДПА.
Нашите извори тврдат дека Љуши бил близок со сегашниот градоначалник на Тетово, Сади Беџети, кој имал големо влијание во неговата професорска кариера. Наводно, кариерата на Љуши како универзитетски професор почнала откако Беџети станал ректор на ДУТ. По завршувањето на високото образование на Универзитетот во Приштина, Љуши извесен период таму предава во Средното земјоделско училиште. Потоа решава да се врати во родното Тетово и неколку години работи со својата аптека во Боговиње. Меѓутоа, по именувањето на Беџети за ректор, Љуши се запишува на магистерски студии на ДУТ, а потоа веднаш и на докторските студии. Иако се' уште немал докторирано, почнува да предава географија на Универзитетот. Не е познато дали Љуши и формално е член на партијата на Мендух Тачи, но се тврди дека е нејзин силен приврзаник и активист. (Св.У.) |