Ќе не' натера ли мјузиклот да одиме на опера?
Дискутабилно е прашањето дали МОБ треба да продуцира мјузикли, чија основна дејност се операта и балетот
Тина Иванова
Македонската музичка публика ќе се привлекува со мјузикли. Со популарниот музички жанр ќе се натераат младите генерации натаму да посетуваат опера, па и балет. Ова е идејата на новиот генерален директор на Македонската опера и балет, воедно и се' уште уметнички директор на Македонската опера, Дејан Прошев, кој во својот мандат ќе се обиде да допре и до пошироката публика. И тоа, ни помалку ни повеќе, со мјузикли.
На неодамнешната прес-конференција на која Прошев претстави дел од својата програма со која конкурирал за директорското место во МОБ, меѓу другото, спомна и дека са��а да го размрда малку репертоарот на оперско-балетската куќа со мјузикл, со што смета дека ќе привлече и поширока публика. „Да ја привлечеме публиката најпрво со мјузикл, кој досега во Македонија не е направен, а со кој ќе се обидеме да допреме и до поширокиот аудиториум. Се надеваме дека ќе ги наведеме и младите да го посетуваат театарот повеќе, во почетокот со мјузикли, а потоа да преминат на оперските и на балетските претстави“, рече Прошев.
Да, во Македонија можеби треба да се прави мјузикл, како што треба да се прават, односно оживеат и многу други уметнички форми, особено современи. Сепак, мјузиклот, и покрај тоа што во почетокот од неговото раѓање (Њујорк, на Бродвеј, некаде во 1900 година) бил своевидна синтеза од бурлеска, водвиљ, пантомима, балет и опера, тој денес нема допирни точки со оперската форма. Дејствува како самостоен жанр, тој е музичко-сценско дело од забавен карактер, а негови основни елементи се говорните дијалози, музиката, танцовите точки и, секако, сонговите како неизоставен дел. И мјузиклот се базира на квалитетни либрета што се темелат врз вредни литературни остварувања.
Но, дали МОБ чија основна дејност се операта и балетот, треба како куќа од национален интерес да продуцира мјузикли, односно дела од забавен карактер? Дали публиката која ќе дојде на тие претстави потоа навистина ќе продолжи во истата зграда да ги посетува и оперските и балетските постановки? Дали во време кога ниту оперските претстави во Македонија не донесуваат свежина, кога нема новитети во репертоарот, кога ретко се подготвуваат премиерни претстави, особено не, пак, македонски дела, треба да се поставува мјузикл да ја размрда таа здодевна ситуација во овој дел од музичката култура? И дали во период кога средствата наменети за култура драстично се намалени, мјузиклот како габаритна форма, ако веќе се реализира, ќе биде достојно презентиран?
Музикологот Ангелина Димоска вели дека можеби е добро да се прави мјузикл во МОБ доколку интенцијата е да се привлече повеќе публика. Но, прашува таа, дали публиката што ќе доаѓа на мјузикли, потоа ќе продолжи да доаѓа и на оперски и балетски претстави? „Тоа не мора да значи дека ќе биде така. Сметам дека е подобро да се најде друг начин за да се привлече публиката. Со опера, што е основна дејност на оваа институција. Бидејќи, мјузиклот како жанр, не е директно поврзан со операта и претставува друг вид на музичко-сценска форма“, вели Димоска.
Таа смета дека со креирање разновиден оперски репертоар, а не со повторување на истите оперски наслови веќе 20 години наназад, ќе се привлече публиката. „Можеби треба да се запрашаат одговорните дали и' е здодевно на публиката да ја слуша 20 години ’Травијата‘, на пример, и тоа со иста сценографија, исти костими и режија“, смета Димоска.
Дека има простор за дебата дали е правилно Македонската опера како специфична и базична музичко-сценска институција да продуцира и мјузикли, се согласува и музикологот Марко Коловски, воедно и претседател на Сојузот на музичките уметници на Македонија. Колоски прашува дали е правилно една ваква институција да тргне нагласено по патот на напуштање на „главниот автопат“ по кој се движат сите оперски куќи и преминување на тесните патеки што, по правило, служат само за освежување во моментите кога состојбата повеќе „мириса на мувла“ и кога треба да се дувне веќе наталожениот прав од бајатиот репертоар? „Ако така се најавува повременото ’излегување од шините‘, тогаш може да се има и разбирање“, смета Коловски. „Но, ако станува збор за стратегиско свртување, а од изјавите се добива таков впечаток, тогаш потегот, во најмала рака, е дискутабилен. Ќе видиме што мислел директорот. Веројатно ќе следува дообјаснување“.
Ако македонската сцена ја споредиме со онаа во соседството, нема да не шокира фактот дека во Србија, Хрватска или во Словенија, на пример, веќе одамна се прават мјузикли, се прават и рок и панк-опери, односно експериментални современи форми на изразување што привлекуваат и поширок слој на публика. Но, паралелно на таа сцена, оперскиот и балетскиот репертоар негува едно многу повисоко ниво од нашиот, особено што се однесува на поставките од домашни автори. Па, оттаму не е чудна ситуацијата на мало и повремено свртување од главната определба на националните оперско-балетски куќи, со цел да се освежи окото на публиката.
Марко Коловски вели дека, во разговорот што го водел со директорот Прошев, во преден план била обврската МОБ да му посвети должно внимание на македонското оперско и балетско творештво. „Наидов, барем во декларативна смисла, на разбирање“, вели Коловски. „Дури и некои работи ги спомнавме конкретно, како што се фактот дека годинава и в година се навршуваат осумдесет години од раѓањето на истакнатите македонски композитори Тома Прошев и Љубомир Бранѓолица, а кои имаат обемен оперски и балетски опус. И, дека тој опус треба да биде сериозно земен предвид при конципирањето на програмите на МОБ. Заеднички заклучок беше дека тоа треба да се направи. Ќе видиме дали ќе се реализира. СОКОМ, притоа, е на располагање со сите свои капацитети“. Но, јубилејот, секако, не треба да ни биде повод да му посветиме посебно внимание на македонското творештво. Особено, тоа се однесува на новите дела што чекаат да ја видат светлината на денот, а се' уште седат зафрлени само како идеја, како партитура, во нечија фиока.
Заклучокот, сепак, се сведува на тоа дека никој не ја оспорува желбата кај организаторите, па и кај дел од публиката, македонската музичка сцена да ја збогатуваат и мјузикли. Но, најпрво треба да се средат темелите на куќата, па потоа внатрешното уредување. |