Број 3272  понеделник, 03 мај 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

Мислења

Мујо и Хасо, Made in Macedonia

Петар Арсовски

Најголемите партии се приземни, навредувачки и на ниско етичко ниво, без сериозна понуда на решенија и насочени кон напад на противникот

Се' почесто настапите на најголемите партии во Македонија потсетуваат на размена на реплики меѓу Мујо и Хасо. Приземни, едноставни, навредувачки и на релативно ниско етичко ниво, без сериозна понуда на решенија, туку генерално, насочени кон напад на противникот. Последните критики од најголемите амбасади, кои го забележуваат недостатокот на суштински политички дијалог, само го потврдуваат феноменот што одамна се развива на македонската политичка сцена: генерално, опаѓање на нивото на политичка комуникација и политички дискурс. Некои од причините за оваа појава се објективни и се генерална последица на еволуцијата на политичкиот маркетинг во Македонија, но има и многу карактеристики - ендемски, автохтони, кои, условно речено се - Made in Macedonia.

Една од најглавните причини за овој феномен е глобалното намалување на политичка публика, која ги тера политичките актери да станат шоумени. Во светот, а особено во земјите што излегуваат од транзиција, често се случува брза пролиферација на медиуми, продор на нови медиумски содржини и алтернативни начини за поминување на слободното време, па со тоа, генерално, се намалува бројот на граѓани што се тековно заинтересирани за политика. Ако само наброиме „Фејсбук“, Јутјуб“, ВХ-1, Ем-Ти-Ви и другите 60 ТВ-канали (до пред 5 години имавме 6), многуте магазини, неброените Интернет-портали и социјални мрежи, како и генералното отворање на медиумскиот простор, јасно е дека сега има многу со што може да се помине слободното време, па затоа публиката за политика е во опаѓање. Оваа појава ги тера политичките актери да се борат за својот простор во времето на гледачите, па така, борејќи се за минута повеќе во вестите, тие стануваат „инвентивни“, прават кампањи, сечат ленти на секое селско чешмиче и смислуваат други начини да добијат внимание. Кај младите демократии тоа се манифестира, меѓу другото, со зголемување на агресивноста во партиските настапи, метастазирање на негативна кампања и партиско пинг-понг препукување, се' во обид да се добие медиумско, па и гласачко внимание.

Втората причина е интерната партиска динамика. Партиите во Македонија се' уште го доживуваат политичкиот опонент како исконски непријател и оваа омраза е особено истакната во внатрепартиските кругови. Ксенофобијата и ефектот на разбројување на табори доведува до вечна војна, во која нема простор за милост или соработка, туку само за истребување. Така, во партиските ходници се промовира комуникациска култура, која повикува на напад, навреди, остра реторика и агресивни настапи. Соодветно на ова, секоја стратегија или обид за поконструктивна комуникација или посмирен политички дискурс, внатре во партијата се толкува како слабост, па партиските центри за комуникација и портпароли��е се под интерен притисок да напаѓаат, да плукаат и да се спротивставуваат.

Дополнително, партиите во Македонија создаваат и имплементираат стратегија за политички маркетинг со спорадична помош од агенции, оставајќи најголемиот дел на комуникацијата да се создава стихијно, без професионална и стручна поддршка. Со оглед на нивната внатрешна корпоративна култура, не е чудо што настапите изгледаат како што изгледаат. Гуруата за политички маркетинг брзо би сфатиле и би имплементирале сеопфатна стратегија, која не е само насочена против опонентот, туку паралелно работи на автентична и издржана позитивна понуда. За жал, партиите во Македонија сметаат дека знаат се'. За едноставна работа, како, на пример, промена на масло во партиските автомобили, не се двоумат да ангажираат стручен мајстор, ама за најважниот дел од нивното работење, политичката комуникација со електоратот, применуваат плукни-залепи стратегија, во стилот „направи сам“.

На крајот, глобализацијата на политичката понуда, како и зацртаниот пат по кој ќе се движи Македонија во нејзиното приближување кон НАТО и кон ЕУ, оставаат малку простор за различна партиска идеологија. Програмите на сите партии мора да ги имаат истите основни постулати, па така борбата се сведува на ПР, односно партиски настапи. Затоа, нормално е да се очекува тие да бидат агресивни, остри и очајнички. Ништо друго не им преостанува.

Сепак, најголемиот проблем кај оваа појава е што таа кај општиот електорат поминува неказнето. Генерално, ниското ниво на граѓанската политичка култура создава амбиент на некритичка публика, кај која недостасува повратна спрега да ги казни партиите за нивното однесување. Реакцијата на овие појави се' уште е сведена на изјави на меѓународната заедница, на протестите на малцинството интелектуалци и анестетизираното граѓанско општество. Додека овие малку се бунат, мнозинството останува тивко, па со премолчување го дозволува овој начин на комуникација и однесување. Последиците се лесно предвидливи: истите симптоми на овој феномен само ќе се засилуваат со неговото опстојување. Така, ако партиите не го подигнат нивото на политички дијалог и комуникациски дискурс, треба да се очекува уште помала публика за политика, цинизам и апатија кај гласачите, а со тоа и продолжување на трендот на се' помал одѕив на избори, засилување на синдромот „сите се исти“ и, општо земено, разочарување во политиката, па со самото тоа и во политичките партии.

Кај партиите овој феномен, генерално, ќе продуцира дополнително стеснување на политичката визија. Иако партиските „стратези“ во Македонија не го знаат тоа, статистиката покажува дека авторитарноста на електоратот е временски ограничена, а еманципацијата на гласачите, иако не е екстровертна, постои на инстинктивно ниво. Со други зборови, иако најголемиот дел од мнозинството ќе го следат амбивалетно „лидерот“ до некаде, постои тенка граница кога граѓаните инстинктивно чувствуваат кога некој им продава популизам, наместо да им понуди суштинско решение, па дури и болно. Луѓето очекуваат понуда од партиите, која се однесува не на она што велат дека го сакаат, туку на она што навистина им треба, а со тек на време научуваат да ја препознаваат разликата. На долг рок, постојниот начин на политички дијалог е осуден на пропаст за оние што го практикуваат, но е прашање на време.

Конечно, партиите неизбежно ќе се професионализираат, па ќе научат да продуцираат пософистицирани пораки, медиумски настапи и сеопфатна стратегија, која вклучува и позитивна понуда. Ќе се еманципираат и гласачите, па партиите ќе добиваат брза казна за популизам, неконструктивност или теснопартиско плукање. Ваквата еволуција на политичкиот дијалог е универзална и се случила кај многу демократии низ процесот на нивното созревање. Прашањето е дали ќе почекаме да се случи оваа неизбежна еволуција спонтано и да трае една декада или, сепак, ќе научиме од другите слични примери и ќе престанеме да произведуваме политика со етикета (која е истовремено и изговор), Made in Macedonia.

(Авторот е магистер

по политичка комуникологија)


#
Статијата е прочитана 2128 пати.

Испрати коментар

Од: ivo
Датум: 29.04.2010 00:16:55
Ne se sekirajte za partiite ! Tie za prvi maj verojatno i parada ke si napravat, bidejki nekoj oduseveni rabotnici od stopanstvoto sigurno deka nema tolku kolku sto se politicarite . No, interesno e dali clenovite na partiite se smetaat sebe za politicari ili rabotnici?Interesno e i toa dali drzavnite funkcioneri se rabotnici ili se politicari? Interesno e zatoa sto praznikot e drzaven, ama neznam dali e toa samo tolerancija ili e drzavna strategija? Vrabotuvanja partiski znam deka ima vo drzavnite sluzbi, vo stopanstvoto znam deka nema mesto za 350.000 bivsi. Ne mi e jasno sto e klasno?Partizmot, drzavata, rabotnistvoto i koj vsusnost slavi?!
Од: nekoj
Датум: 29.04.2010 00:35:13
Odlicen tekst, mi se dopaga. Nekolku zborovi: "го доживуваат политичкиот опонент како исконски непријател", "сметаат дека знаат се'", "некритичка публика" i "made in Macedonia" ni kazuvaat se. Problemot e vo mentalitetot na balkancite, vo cija osnova lezi nepocituvanje na drugiot. izrazuvanje na mislenje se zema kako "me ubeduva", razlicni mislenja vodat kon navreduvanje na licnosta a ne dijalog itn. So eden zbor nedostasuva elementarna kultura, za zal. Toa e sto mene najmnogu mi preci i zatoa i ne ziveam vo Makedinja. Jas znam luge-obrazovani-pametni-no so tolku mnogu balkanski mentalitet-znaci nenacitani-zatvoreni-nefleksibilni-sto se zemaat za licno-so kompleksi (mozebi poradi nemanje na prostor za seberealizacija vo Mk) covek da se cudi..No zatoa pak znam deka vinata za ova sto se slucuva e vo takvite sto pri oci nisto ne gledaat, mislejki deka ona sto e vo Mk toa e svetot. Bravo za napisanoto i bravo sto ima iskluchoci kako avtorot.
Од: Regaconi
Датум: 29.04.2010 00:35:53
Redno e nekogas da se diskutira i na vlijanieto i ulogata na mediumite vo celata ovaa realnost. Koja e ulogata na mediumite, kade e granicata na nivnoto dejstvuvanje, koja e crvenata linija na demokratijata a od kade pocnuva zakonot . Dali mediumite sakaat da vladeat ili izvestuvaat?? Dali treba da bidat sredstvo i politicki alat ili korektiv na sekoja vlast???
Од: ФЕЛИКС
Датум: 29.04.2010 09:31:24
Добар приказ на овдешната политичка сцена и кој како ја одработува политиката како занает.Омразата помеѓу политичките,, елити,, е од лукративни причини.Едниот ја освоил власта со тоа и економската привилегија за полнење сопствен џеп,другиот кој ја изгубил власта а со тоа и економската привилегија од завист вергла за разбојништво врз народот.Видете ги само и едните и другите кој се однесуваат како скарани сијамски близнаци.
Од: Читател
Датум: 29.04.2010 12:32:00
Навистина многу бавно се менуваат партиите кај нас, иако се сменаа повеќе лидери и раководства. Изгледа дека ,,малку им е ќотекот“ од поразите на изборите, па им е потребна ,,поголема доза“. Мислам дека мора да се влезе во НАТО и ЕУ, за да не` контролираат и насочуваат, зашто вака самите ,,за никаде сме“. Во вакви услови нема големи можности за нови идеи и за нови луѓе.

Најди! во Утрински
Македонска верзија
Поглед
Оливера Војновска
МЕРИДИЈАНИ
Брадфорд Делонг
Мислења
Ивор Мицковски
Мислења
Исмет Рамадани
ИНТЕРВЈУ
Мевлут Чавушоглу
Тревога на Тајмс сквер

Хелена Кристиенсен
Гола за „Reebok“