Весникот е сведок за нашите активности
Златко Стевковски, директор на КИЦ
Во текот на минатата седмица, во вашиот весник беше објавен текст под наслов „Алтернативните музичари не ги добија ветените средства“. Во интерес на јавноста, ви проследувам неколку одговори на гореспомнатиот текст.
1. Одговор за наводната „нетранспарентна“ комуникација - прашајте го односниот Г. Ѓуровски, кој себеси се претставува како менаџер на музичкиот состав „Беи д фиш“, како е можно без комуникација „Беи д фиш“ и „Стринг форсис“ да настапат на манифестацијата „Топол културен бран“ (јули-август, 2008), како предлог на нашата институција, на лично залагање и вложување на мојот авторитет, притоа, повеќе пати низ Македонија, со однапред исплатени хонорари и патни трошоци. За „обесправените“, наградно прашање - кога и дали „Беи д фиш“ добиле поголем хонорар и настапиле на иста сцена со култните „Леб и сол“, „Мизар“, „Архангел“ - повторно предлог на мојата дребност (Денот на независноста, 2007)?!
2. Одговор на „незнајноста за висината на бараните средства“. Дали Г. Јовановиќ и Г. Ѓуровски на првичните состаноци не им беше претставена содржината на аплицираните проекти и дали, доколку си го отворат мејл- сандачето (јуни, 2007), не ќе ги пронајдат аплицираните проекти со потпис на мојата дребност, формуларите, и придружните писма?!
3. Одговор на наводното „премислување и пренамената“. Примероците од првично упатените приговори до Министерството за култура, веднаш по објавувањето на резултатите од минатогодишниот конкурс на Министерството за култура, второупатените приговори, и одговорот на Министерството, секако се доставени и до засегнатите субјекти. Така, си се прашувам повторно, како сум приговарал за поголема сума средства без некој претходно да биде информиран. Потем, дали која било институција во Македонија им испратила примерок од официјални докум��нти?!
Почитуван уреднику, на крајот, кусо и до вас, за „наполно намалените програмски содржини“. За тековната 2008, КИЦ ги потпиша договорите за над петнаесетина рецитали, концерти, десетина ЦД-а..., сето тоа, со буџет, за кој претпоставените структури однапред ве предупредуваат: „не правете долгови, за програма, ако остане“. За ликовните изложби и илјадниците посетители, книжевните промоции и стотиците посетители – сведок е вашиот ценет весник. |