Спортски сали во Карпош за еден денар од час
Општина Карпош ќе ги најмува спортските сали што се на нејзина територија по цена од еден денар за еден час. Општината во соработка со Агенцијата за млади и спорт одлучи да ја намали цената за најмување којашто досега изнесуваше 10 евра од час. Новата цена важи не само за спортските корисници туку и за фолклорните групи. „Целта е да ги оттргнеме децата од улица и да ги натераме колку што е можно повеќе време да поминуваат во салите“, рече в.д. градоначалникот на Карпош, Саша Димиќ, на вчерашната промоција на проектот за развој на спортот во Општина Карпош. Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Драган Ѓурчевски, нагласи дека ова првпат се случува во некоја општина во земјава. Тој најави дека Агенцијата планира во Општина Карпош да изгради вештачка карпа за качување и нови тениски и фудбалски игралишта. (МИА) |