Зградите ќе се изградат, околината неизвесна
Пропадна првиот обид да се дефинира партерното уредување на просторот од мостот „Гоце Делчев“ до МНР
Деспина Трајковска
Владата се' уште нема идеја како партерно ќе го уреди потегот покрај административните згради на левиот брег на Вардар. Дали администрацијата ќе минува покрај стилски или модернистички клупи �� канделабри, ќе има ли дебела сенка дури да стаса на работа или, пак, специфично за реонот ќе биде некој сосема неочекуван изглед, допрва ќе се одлучува.
Иако направи обид да го дефинира партерното уредување, владината Служба за општи и заеднички работи не го прифати единственото понудено решение врз чија основа ќе се заокружеше изгледот на левата страна на Вардар. Понудениот труд, како што објаснува Васил Доневски, директор на Службата, не ги задоволил во целост генералните барања на надлежните. Решението речиси воопшто и да не понудило зеленило, материјалите за партерот не соодветствувале со стилот на објектите во околината, а во делови решението било во колизија со затечените состојби на терен. Но, надлежните не губат надеж дека во скоро време ќе најдат соодветно решение за изгледот на потегот од мостот „Гоце Делчев“ до новиот објект на МНР.
„Идната недела повторно ќе објавиме оглас и верувам дека ќе избереме соодветно решение. Не губиме надеж оти и досега некои од идејните решенија ги избиравме дури во вториот или во третиот обид. Поништувањето на огласот не значи дека ќе изгубиме во време зашто на терен интензивно се гради, а партерното уредување теренски треба да се реализира дури кога ќе финишира изградбата на сите објекти“, вели директорот Доневски.
Дури да се одбере теркот за партерот, независно од динамиката на изградба на објектите надлежните планираат наскоро да почнат со изведба на подземното паркирање. Доневски вели дека е при крај комплетирањето на документацијата за да започне изградбата. Предвидено е паркирањето да се врши на две подземни нивоа, секое од нив со површина од околу 10.000 квадратни метри, односно, предвиден е капацитет за паркирање на вкупно 726 места. За потребите на подземниот паркинг, веќе е извршено и геомеханичко испитување на теренот. Било утврдено дека подлогата ќе го истрпи подземниот паркинг, а тој ќе може да се гради паралелно додека се градат и административните згради.
Деновиве, пак, како што вели Доневски, веќе е започната изведба на илуминацијата на објектот на Уставен суд. |