Базените на охридските хотели „Метропол“ и „Белви“ затворени за капење
Забрани за автокамповите „Партизан“ во Дојран и „Ливадиште“ во Струга
Базените на двата хотела „Белви“ и „Метропол“ во Охрид, поради здравствено-санитарна неисправност на водата, привремено се забранети за капење. Забрани за работа добиле и автокамповите „Ливадиште“ во Струга и „Партизан“ во Дојран. Проблемот во Ливадиште бил со пречистителната станица на отпадните води, но по негово отстранување, кампот повторно е отворен. Забрането е капењето во езерото „Треска“ во Скопје, како и во реката Вардар. Базените во Скопје се безбедни за капење, како и водите во Преспанско, Охридско и Дојранско Езеро.
„Базените се затворени неделава. Доколку наредната контрола е добра ќе бидат пуштени за употреба идната недела“, вели д-р Вера Менкова, главниот здравствено-санитарен инспектор. Овие санкции уследиле по вонредните акции на Државниот здравствен-санитарен инспекторат, со кои покрај сместувачките капацитети, биле опфатени и училиштата и болниците.
Од инспекцијата на 290 училишта, биле констатирани санитарно-технички недостатоци, особено кај санитарните јазли, гардеробите и фискултурните сали.
„Ова се стари проблеми кои тековно се решаваат, иако некои од училиштата и се казнети поради повторување на неправилностите“, рече д-р Менкова, која не откри кои се тие училишта.
Надзорот во болниците не покажал ништо ново. Во дел од нив се најдени болнички бактерии. „Од 14 сали на Хируршките клиники, три беа привремено затворени. А, на Клиниката за гинекологија и покрај дезинсекцијата, лебарките се' уште ги имаше“, додаде д-р Менкова и повторно не откри чии хируршки сали биле привремено затворени.
Инспекцискиот редовен надзор на храната, пак, покажал дека од анализирани 958 мостри, добиени се 23 позитивни мостри. Од нив 22 мостри покажале бактериска загаденост, а само една мостра била хемиска неисправна.
За два месеца се направени и 680 вонредни контроли во објектите за храна во туристичките региони Преспа, Дојран, Струга и Охрид, а следуваат контроли и во Крушево.
„Беше опфатен и ‘Пиво-фест‘ во Прилеп, каде што беа затворени меѓу шест и осум привремено поставени објекти за храна“, рече Божин Петрески од Дирекцијата за храна. Тој потенцира дека во летото и натаму најризични се производите од месо, јајца, сладоледите. Со редовната контрола се забранети 320 објекти, а уништени се околу 120.000 килограми небезбедна храна. (Ј.Ј.) |