Тропска жега во Македонија
Високите температури ја зедоа првата жртва во Србија
Најтоплиот ден од ова лето ќе биде денеска, прогнозираат синоптичарите. Тропска жега се очекува во цела Македонија, а температурите би можеле да го поминат и 40. степен од Целзиусовата скала. Слично е времето и во балканските држави од кои неколку прогласија вонредни мерки. Високите температури во Србија ја однесоа првата жртва, 66-годишен маж почина на плажа на реката Сава во градот Шабац. Од недела се предвидува постепено заладување, а в понеделник намалување и нормализирање на температурите.
Поради претпазливост, властите во повеќе земји ги повикаа своите граѓани да не излегуваат од своите домови без потреба. Лекарите препорачуваат да се избегнува периодот меѓу 10 и 17 часот. Заштита од сонце треба да бидат капи, шешири и очила. Важно е да се пие многу вода, 2,5 литри дневно. Алкохол не се препорачува, а од листата треба да се симнат масни, пржени и зачинети јадења.
Властите во Грција вчера објавија вонредни мерки поради неподносливи горештини кои метеоролозите ги најавија за следните три дена, како и зголемена опасност од пожари. Се очекува уривање рекорди во температурите, кои ќе достигнат 43 степени. И во Романија е објавена тревога во 32 реона во источниот и во западниот дел на земјата поради високите температури.
Српските метеоролози очекуваат температури до 42 степена. На различни места во Белград ќе бидат поставени цистерни со вода. Голем шумски пожар избувна на рид во близина на турското летувалиште Бодрум. Постои опасност од повторно ширење на пожарот, затоа што се очекуваат температура и до 40 степени. (Д.Р.)
Web Update
23:00, 25.07 - Денеска во Македонија се измерени највисоките температури досега годинава, а според метеоролозите од утре се очекува пад на температурите и до 10 степени.
Сончево и многу топло време се задржува денеска на целата територија на Македонија со температура околу 40 степени.
Според УХМР во 14 часот во Гевгелија се измерени 40 степени, во Штип 39,3, во Битола 38, во Скопје 36, во Охрид 34, а во Маврово 30 степени.
Се очекува во текот на ноќта да дува засилен северен ветер, кој во недела ќе донесе значителен пад на дневните температури.
Според метеоролозите времето утре ќе биде сончево но ветровито со температура од 25 до 34 степени. Во Скопје и околината температурата ќе достигне 28 степени. (Макфакс) |