Поглед
Поштари без сметки
Маја Томиќ
Откако ЕВН во април годинава склучи договор со „Македонска пошта“ за доставување на сметките преку оваа институција, се' тргна наопаку. Сметките доцнат ли доцнат, а граѓаните плаќаат ли плаќаат камати поради задоцнето плаќање. Ни криви, ни должни што во нивните сандачиња речиси никогаш сметката ја нема во вистинското време, пред рокот за плаќање. Туку секогаш на самиот ден или, пак, подоцна, дури и по една недела.
Како и да е, ЕВН си пресметува камата за тие денови, некогаш таа е пет денари, некогаш и повеќе. Но, не станува збор за висината на сумата, туку прашањето е зошто воопшто парите да се наплатуваат од џебот на граѓаните, кои и ако сакаат да платат на време, сепак, не можат затоа што немаат сметка.
Кој на кого да му се жали и каде да се бара виновникот? Во секој случај, граѓаните не се ни малку виновни, и��ко го извлекуваат подебелиот крај. ЕВН во почетокот им прогледуваше низ прсти на корисниците и не им пресметуваше камата, иако ја печатеа на сметката. Но, не можеше тоа да се толерира бесконечно и да се чека „Македонска пошта“ да се снајде во новата улога. Очигледно „Македонска пошта“ не го положи испитот и не успеа да одговори на новата задача. Поштарите потфрлија и не можат да постигнат на време да ги достават сметките во секое сандаче. Ако раководните лица од „Пошта“ знаеја дека не можат да одговорат на барањата на ЕВН, зошто тогаш ја прифатија соработката? Велат, немале доволно поштари, таму бил проблемот.
Дали треба уште да се чека или е веќе време ЕВН да пресече и да го раскине договорот со „Пошта“? Додека ЕВН и „Пошта“ се обидуваат да се усогласат меѓу себе и да најдат решение за побрзо доставување на сметките, граѓаните и понатаму си ги плаќаат каматите поради ненавремена уплата. |