Првачињата ќе останат без учебници
Читанките биле несоодветни за возраста на учениците
Жаклина Ѓорѓевиќ
Министерството за образование и наука ќе ги повлече учебниците за првоодделенците, дознаваме од неофицијални извори. Од употреба, наводно, ќе бидат повлечени учебниците по македонски јазик, математика и запознавање на околината за прво одделение. Според нашите информации, неофицијално, од употреба ќе биде повлечен и учебникот по македонски јазик за второ одделение. Овие учебници, како што дознаваме, ревизорите ги оцениле како несоодветни за возраста на учениците. Поточно, забелешката на ревизорите се однесувала на тоа дека учебниците не можат да се употребуваат кај деца што на таа возраст се' уште не се описменети. Со нивни зборови, „содржината на учебниците не одговара на возраста на учениците“.
Од Министерството за образование и наука вчера не сакаа да ја коментираат информацијата за повлекување на учебниците, со образложение дека идната недела ќе кажат детали за тоа кои учебници и колку ќе бидат повлечени од употреба. Министерот Никола Тодоров изјави дека ги чека извештаите од ревизорите за да може да донесе конечна одлука.
Членовите на ревизорските комисии што работеа на учебниците, исто така, не сакаа да дадат каков било коментар околу целата ситуација и за повеќе информации не' упатија во Министерството.
Учебниците за прво одделение се употребуваат веќе трета година кога за прв пат се воведе концептот на деветтолетката во време на министерувањето на Сулејман Рушити. Ревизорите, наводно, при скенирањето на учебниците, увиделе дека тие не само што не одговараат на возраста на учениците туку и се
програма за прво одделение за деветгодишно основно образование потпишана од тогашниот министер Рушити. Во нив, на пример, во програмата за македонски јазик дури и се потенцира дека за учениците на оваа возраст не се препорачува користење буквар, туку само прирачници. За другите предмети, пак, се препорачува учењето да биде низ игра, помагала и цртежи.
Ексминистерот Сулејман Рушити вчера ни потврди дека во негово време е донесена Концепцијата за деветтолетката, но тој уверува дека сите конкурси за учебници и помагала се донесени врз основа на законот.
„Требаше сите учебници да се приспособуваат според тој концепт на деветтолетка што ја замени осмолетката кога се употребуваа други учебници. Конкурсите беа објавувани, бидејќи тие требаше да бидат согласно со новата Концепција за деветгодишно образование“, ни рече Рушити.
Митко Чешларов од Бирото за развој на образованието тврди дека учебниците се одобрени врз основа на Концепцијата за деветтолетката, каде што стои дека ќе се одобри примената на три учебници за македонски, математика и за запознавање на околината. Сепак, тој коментира: „Се случуваше и покрај нашето негативно мислење за некој ракопис, сепак, тој да биде одобрен од страна на Министерството“. (Ж.Х.З.) |