Двајца битолчани настрадаа во сообраќајки на Велигден

Животот го загубија 24- годишниот Никола Николовски и 56-годишниот Мите Ристевски
БИТОЛА - Двајца битолчани во две одделни сообраќајни несреќи загинаа на Велигден. Животот го загубија 24- годишниот Никола Николовски и 56-годишниот Мите Ристевски. Едно лице е тешко повредено и се' уште е на интензивна нега, додека петмина други сопатници поминаа со лесни телесни повреди. И во двата случаја возачите од непознати причини им го пресекле патот на возилата од спротивниот правец. Првата сообраќајка се случи во неделата изутрина околу три часот на магистралниот пат Битола-Прилеп во близина на бензинската пумпа „Пелагонија петрол“. Битолски „опел кадет“ со кој управувал 24-годишниот Б.Ш. со уште четворица сопатници од непознати причини завртел в лево преку полна линија и го пресекол патот на прилепска „шкода октавија“ која се движела кон Битола, а зад чиј волан бил 29-годишниот Ј.Н. Од директниот судир на самото место починало 24-годишното момче Николовски, кој бил еден од сопатниците на „опелот“, додека тешко е повреден прилепчанецот Ј.Н. и се' уште е во битолската клиничка болница под надзор на лекарите. Другите тројца битолчани се здобиле со лесни повреди и по кратката интервенција во болницата во Битола се пуштени на домашно лекување.
Втората сообраќајна несреќа се случи, исто така, во неделата само четири часа подоцна на ул. „Партизанска“ пред вратите на битолската клиничка болница. Во оваа несреќа директно се судрија „застава 128“, управувана од 56-годишниот Мите Ристевски, и „дачија логан“ што ја возел 20-годишниот битолчанец И.К. И во овој случај Ристевски од засега непознати причини непрописно свртел в лево и директно се судрил со возилото на момчето. Од задобиените повреди, Ристевски починал на самото место на несреќата. По увидот на битолската истрага, телата на починатите се дадени на обдукција. Од возачите се земени крв и урина за да се утврдат причините дали евентуално кај нив имало присуство на недозволено количество алкохол и дали токму тоа би била причината за тешките сообраќајки кои однесоа два живота. Вкупната материјална штета во несреќите се проценува на околу 800.000 денари. (Б.А.)
|