„Дрогата за силување“ хит меѓу младите

Таблетите што ја блокираат свеста и го губат сеќавањето дејствуваат од 8 до 12 часа
Горан Адамовски
Психоактивни средства што имаат хипнотичко и седативно дејство, познати како дрога за силување, е најновиот хит меѓу младите во земјите од соседството. Оние што ја земаат оваа дрога стануваат неспособни да се сетат на случките во кои самите учествувале. Таблетите, ако се комбинираат со пиење алкохол, можат да предизвикаат помрачување на свеста и заборавање на настанот се' додека не се случи нешто што консументот ќе го потсети, а во одредени случаи може да доведе и до блокирање на свеста и наполно губење на сеќавањето. Дејството започнува 20-30 минути по консумирањето, а можат да трае од 8 до 12 часа. Кај нас оваа дрога, според надлежните, се' уште не се појавила, иако добрите познавачи на наркопазарот во земјава велат дека тоа не е ништо ново и дека на улица го имало и пред 15-ина години.
„Таква дрога постои во соседството, но Македонија засега е заобиколена. Сепак, будно ја следиме состојбата, имајќи предвид дека искуството покажува дека се' што е тренд во околината, најчесто, иако со задоцнување, се префрла и кај нас“, велат од Одделението за спречување на трговијата со дрога при МВР.
Според стручните лица, овие дроги се користат за нарушување на сонот, но предизвикуваат и бројни други ефекти, вклучувајќи и амнезија и еуфорија. Дрогите за „силување“ припаѓаат на фармацевтската фамилија бензодиазепин, во која спаѓаат и валиумот, либриумот и ксанаксот, но се десетпати посилни од нив.
„Тоа, пред се', не е дрога, туку лекарство, бидејќи дрогата не може да се купи легално, а овие лекови може да се набават во аптека. Конкректно, јас пред 15-ина години пробав ‘лорам‘ и не се сеќавав на ништо. На пример, дома кај мене се молерисуваше, а јас немав поим“, објаснува Жарир Симрин, поранешен наркозависник. Тој објаснува дека овие дроги особено се популарни во затворите, каде што се користат за малтретирање, па дури и силување на осудениците.
Кети Тодорова од невладината „Доверба“ вели дека користење на кој било лек од типот на бензодиазепинот можат да доведат до заборавање. „Младите денеска консумираат се' и сешто“, вели Тодорова.
Белградска „Политика“ пишува дека на овој начин во Србија забремениле четири малолетнички од околината на Врање. Девојчињата не можеле да се сетат на ништо, па дури и дека имале сексуален однос со мажи.
„Овие лекови не го заспиваат лицето, ами ги олабавуваат и ја ослабуваат нивната моќ за расудување“, вели за „Политика“ специјалист на Клиниката за фармакологија во Белград. |