Лавров се надева во објективност на Хаг
МОСКВА - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, вчера изјави дека сега по апсењето на Радован Караџиќ е најважно судскиот процес во Хаг да биде објективен без елементи на политизираност, кои се покажаа во досегашната работа на Меѓународниот трибунал. Лавров изјави и дека „српските власти ја исполнија својата обврска пред Трибуналот“. Тој уште еднаш истакна дека треба да се забрза завршувањето на работата на Трибуналот и да се предадат сите незавршени предмети на судовите на новоформираните држави на просторот на поранешна Југославија. Русија инсистира на тоа Трибуналот да заврши со работа до 2010 година.
За разлика од руското Министерство за надворешни работи, кое прашањето за предавање на поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ на Хашкиот трибунал го смета за внатрешно прашање на властите на Србија, еден број овдешни политичари сметаат дека Србија не требаше да го испорача ниту Слободан Милошевиќ, како ниту другите обвинети, туку требаше да им се суди во земјата. Меѓу политичарите во Москва малкумина се оние кои веруваат дека судењето на Радован Караџиќ ќе биде објективно, бидејќи Трибуналот многу пати покажа пристрасност.
Како пример за необјективност руските политичари, политиколози и историчари ги наведуваат случаите за оправдувања и ослободување на низа босански муслимани и косовски Албанци, пред се' Рамуш Харадинај. (Б.В.) |