Свирел на гусла во „Лудата куќа“ под својата слика
Радован Караџиќ бил чест гостин во кафеаната „Луда куќа“, каде што дури и свирел на гусла за присутните
БЕЛГРАД - „Една вечер, пред една година, се појави на вратата од мојата кафеана. Ме праша дали може да влезе. Ги слушнал гуслите, па би сакал да ги слуша. Кога го примивме, седна во сепарето со гусларите. И свиреше. Една песна. Таа вечер имавме гусларска ноќ. Погледна кон шанкот и ја виде својата и сликата на Младиќ, врамена на ѕидот“, раскажува Мишко Ковијаниќ, сопственик на кафеаната „Луда куќа“ во Нов Белград, во која Радован Караџиќ последнава година бил чест гостин.
„Блиц“ вчера тргна во потрага по локацијата на која живеел Караџиќ. Во „Луда куќа“ седат сопственикот Ковијаниќ, неговата сопруга и гости. Шанк, две сепареа и една маса. На шанкот, фотографиите на Младиќ и Караџиќ. На ѕидот календар со ликот на Младиќ, во аголот гусли. „Никогаш не би ни помислил дека тоа е тој. Завчеравечер бев шокиран кога слушнав дека е уапсен, а вчера, кога ја објавија неговата фотографија...Веднаш почнаа да ѕвонат телефоните. Овде има само постојани гости, сите го препознаа“, ја продолжува сторијата Ковијаниќ, на која се надоврзуваат шанкерот и гостите. Сите во „Луда куќа“ во истиот момент тргнаа кога на телевизија ја видоа фотографијата.
До вчера не ни знаеле дека Караџиќ живеел во соседството. Тука во зградата на улица „Јуриј Гагарин“ 267. На третиот кат. Со Ковијаниќ тргнуваме кон бројот 267. Вратата е заклучена. „Море, каков Караџиќ. Тука? Сешто. И леле, чекајте, дали тоа е оној господин со шеширот. Па, не можам да верувам. Тоа е тој“, на интерфон зборува првата госпоѓа кај која заѕвонивме и не' пушти внатре. „Го видов пред некој ден. Сега и не знам точно кога. Ми се јави. Секогаш беше културен. Живееше тука околу една година. Боже, па да, тоа е тој, сигурно. Живееше некаде горе, не знам точно на кој кат“, продолжува сопственичката на станот во приземјето.
Вратата од следните три стана веднаш ни беше затворена кога им ја покажавме фотографијата на Караџиќ. Двајца постари станар�� упорно тврдеа дека во нивната зграда ниту еден стан не се издава и дека „господинот од фотографијата некогаш не го виделе“. „И кој ви го јави тоа?“, бараа одговор. „Да. Тука беше. Во станот 19. Тоа е станот на семејството Максимовиќ. Брат и сестра. Таа живее во Земун, а тој во Италија. Да, го видов пред еден месец, беше со некоја девојка. Сега го препознав на фотографијата, на ТВ, пет минути пред да ми заѕвоните на вратата“, вели станарката од вториот кат на зградата од која Караџиќ се иселил еден ден пред да биде уапсен. (Блиц) |