Брoj 2731  вторник, 08 јули 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Фељтон
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Јозеф Наѓ – ѕвезда на театарскиот фестивал во Торино

Остатокот од претставите на „Teatro a Corte“, беа со многу помал уметнички дострел

Лилјана Митевска

Ѕвезда на фестивалот „Teatro a Corte“, чија специфика е играњето претстави во дворците на кралската куќа од Савој, лоцирани во Торино и во околината на овој северно италијански град, без никаква дилема, е големиот кореограф Јозеф Наѓ. Неговото дело „Entracte“, кое орбитира околу филозофските идеи на кинеската цивилизација, ги надминува границите на танцовиот театар. Иако се изразува преку телото, Јозеф Наѓ е суштински театарски уметник со многу специфична имагинација. Тој не е заинтересиран за танцот сам по себе туку многу повеќе за начинот на кој движењето комуницира со останатите уметнички форми. Во неговите дела танцот, музиката, светлото и визуелниот дизајн се во таква совршена корелација, што создаваат надреална аура на чист минимализам и есенција.

Остатокот од претставите во рамките на овој фестивал посветен, пред се', на експерименталниот театарски израз, барем во првиот блок, беа со многу помал уметнички дострел. Иако, мора да се признае, имаше и имагинативни и допадливи шоуа, како она на францускиот пантомимичар Патрик Колет Муан надарен со неверојатна флексибилност, моќ за трансформација и комичарски талент, кој од Торино го продолжи своето театарско патување во Франција, на Авињон. Понатаму италијанското „Nuovo Cinema Circo“ кое направи мала турнеја низ италијанската кинематографија, служејќи се со средствата на акробатиката и циркусот. На некој начин Италијанците од „Nuovo Cinema Circo“ понудија панорамски поглед врз внатрешноста на филмските сетови, со актери, режисери и филмска екипа, реинпретирајќи ги сцените на некои од култните италијански филмови, но и преточувајќи ги во слики комичните изјави за филмот на големите автори, сето тоа преку динамичниот јазик на акробатиката.

„Memoire de la nuit“ на Филип Бое од Швајцарија пак на сцената донесе одредена надреална димензија предочена преку детективска приказна во стилот на филм нуар. Еден детектив кој сонува да лета, исчезната жена, чудна задача: вортекс на надреални случувања кои ја оживуваат енигматичната игра помеѓу реалноста и соништата. Додека Шпанците од трупата „Senza Tempo“ со претставата „A+,Cosas Que Nunca Te Conte“ раскажаа една модерна приказна за циганскиот, чергарски начин на живеење. Еден караван поставен на средината на плоштадот во малото место Монкалјери каде што се наоѓа еден од дворците на Савој, претставуваше метафора за урбаниот номадизам во 21 век, симбол на утопија и слобода. Станува збор за мултидисциплинарен проект со серија видео проекции вметнати во драмското дејство.

„Teatro a Corte“, кој во блокови трае се до 3 август, е фестивал посветен пред се' на екперименаталниот театарски израз. Тој ги промовира новите правци на европската сцена кои орбитираат околу танцот, музиката, новиот циркус, уличниот театар, видеото, визуелниот театар и новите технологии. Но, ако идејата на организаторите е преку овој фестивал италијанскиот театар да дојде во контакт со некои од најважните театарски продукции на европската сцена, истовремено овозможувајќи театарските дела да бидат урамени во архитектонски простори со монументална убавина, тогаш во еден дел оваа идеја потфрли. Поточно, во делот на промовирањето на суштински релевантни театарски продукти. Како што најавив на почетокот, единствениот навистина голем проект кој во целост беше комплементарен со првичната идејна визија на фестивалот, е токму „Entracte“ на Јозеф Наѓ. Остатокот на претставите честопати навлегуваа во сферата на она што стандардно се нарекува „ентертејмент“. Ако кокетирањето со оваа сфера може делумно да се оправда со фактот што истовремено целта на фестивалот е ревитализирање на старите историски зданија во Торино преку атрактивни претстави приемчиви за најшироката популација, сепак на таа основа не почива еден голем фестивал, доколку тоа е претензијата.

 


Статијата е прочитана 94 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Изложба на Александар Зафировски
Награди за „Јас сум од Титов Велес“ во Словачка и во Шпанија
Моите филмови се копија на реалниот живот
Премиера на „Калеидоскоп“ и изложба на Дубравко Наумов