Награди за „Јас сум од Титов Велес“ во Словачка и во Шпанија
Македонскиот филм „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Митевска освои уште две признанија на фестивалите во Словачка и во Шпанија.
На тукушто завршениот 16. Интернационален арт филмски фестивал во Словачка филмот на Митевска ја освои Гран-при наградата „Син ангел“ во селекцијата „Источна Панорама“. Наградата, која е и парична во висина од 7.000 евра, „Јас сум од Титов Велес“ ја доби во конкуренција со единаесет филма. Оваа година фестивалот во Словачка предизвика големо внимание поради реномираните гости: Лив Улман, Омар Шариф, Јиржи Менцел и Кшиштоф Зануси.
Додека на Филмскиот фестивал во Валенсија, Шпанија жирито предводено од ветеранот на полскиот филм, Јежи Сколимовски, на филмот на Теона Митевска му го додели Специјалното признание на жирито.
Досега „Јас сум од Титов Велес“ има добиено седум награди. (С.У.) |