Број 3455  понеделник, 13 декември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон








Site Meter
Забава

Љиљана Николовска

Најдобриот ајвар доаѓа од Битуше

експејачка на „Магазин“

Љиљана Николовска, култната пејачка на „Магазин“, зборува за своите македонски корени, животот во Калифорнија и за музиката

Валентина Тодоровска

Се сеќавате ли на Љиљана Николовска (1964), пејачка што му даде карактеристичен звук и лирска нота на репертоарот на групата „Магазин“? Или уште поконкретно - најдобриот вокал на хит-составот на 80-тите години, чии песни „Тамара“, „Пут путујем“, „Три сам ти зиме“, „Око моје сањиво“... ја одбележаа музиката на некогашна Југославија. Многу години подоцна ја најдовме Љиљана во сончевата Калифорнија, контактиравме експресно и дознавме многу интересни работи од кои ја издвојуваме веста за нејзиното враќање во музиката.


Вашето враќање на музичката сцена е голема и убава вест за сите што ве сакаат и почитуваат. Не помалку важен чекор е албумот по повеќегодишна пауза, што ме предизвика да Ве прашам за причините.

- Албумот што моментно го подготвувам ми е втор – соло, а првиот, поточно пилот-албумот, нешто како најава за вистинскиот, се случи 1995 година. Како се решив за снимање? Знаете, јас и сопругот имаме музичко студио во Америка, активно се занимаваме со снимање, се собраа материјали, па веројатно еден албум беше логично продолжување на работите. Можеби како омаж на себе си и на мојата публика што сето ова време слушаше стари песни.

Каков тип музика ќе слушаме - добриот стар поп по кој луѓето Ве паметат? Кој работеше на песните, каде снимавте...?

- Жанровите се измешаа, но најблизок ќе биде добриот стар поп. Измешани се со се' и сешто, малку ново, малку старо, некое изненадување. Албумот е се' само не е здодевен, што би требало и да биде цел на секој кул албум. Ова е најдобра екипа на светот, бидејќи е создадена исклучиво од пријатели. Бидејќи имаме свое студио, никој не ни ги брои часовите и не брзаме. Веќе не сум во состојба во која излегување албум е цел сама за себе, бидејќи не живееме од тоа. Можеби затоа целата работа малку се развлече, но имаме одлично оправдување. Навистина уживаме во досредувањето на новите песни. Ни се случи и еден смртен случај во текот на првата фаза од работата. Нашиот пријател басист и еден од авторите не напушти во 32. година од животот, па подолг период паузиравме. Долго време никој немаше срце да ги слушне снимките, да поработи на текстовите или на аранжманите. Сега малку закрепнавме и продолжуваме со снимање.

Дали албумот е наменет за пазарот на бившата земја или ќе го има и пошироко со оглед на Вашата калифорниска адреса?

- Зборот пазар ми е некако полудефиниран, ладен кога се во прашање луѓето што ја следат музиката. Публиката не ја делам според пазар и простори, дури и зборот публика ми звучи малку сурово, бидејќи ги сместува луѓето во некакви целини и генерализира нешто што не е можно да се генерализира. Да, во план е и албум на англиски јазик, како и неколку песни на уште неколку јазици, но за тоа потоа.

Колку Ве обременува податокот дека луѓето ја очекуваат старата Љиљана Николовска, онаа мила девојка од „Магазин“ што не' разнежуваше со сентиш- теми?

- Благодарам на убавите зборови, но не можам да бидам нешто друго и кога би сакала, освен она што сум, можеби малку поумна, поискусна, но и понатаму - истата.

Вие сте знак на препознавање на „Магазин“, урнек според кој пејачката би требало да пее и да изгледа.

- Верувале или не, јас сум четвртата пејачка на „Магазин“, мислам дека после Даниела ниту една пејачка не ја присилуваа да пее и да изгледа како јас. И таа умно побегна од сето тоа, зошто во оваа работа се ценат само оригинали. Точно е дека во 80-тите години групата доживеа најголема слава и најголема популарност, а, според службените податоци на дискографите, и најголеми тиражи. Сите пејачки дадоа нешто свое и оригинално. Сакам во шега да се сетам на онаа реклама, а тоа е дека секоја од нас има некој свој фактор, вклучувајќи ме и мене...

„Магазин“ не е симбол на една генерација, туку на повеќе. Колку и да звучи прозаично, ама симбол на братство и единство, безгрижност. Какви спомени имате од тој период? Она што го прочитав во медиумите е дека со другите членови од групата не останавте во добри односи.

- Главно, имам убави спомени, грди се само некои податоци во заднина, кои не ги чепкам, бидејќи поинаку не би имало смисла. Најблескава асоцијација на тие денови ми се работата на создавањето на песните, пријателите и шегите што ги имаше, а најмногу од се' фамозните луѓе од публиката. Кога ќе излезете пред преполна сала, која е тука поради песните што ги создававте и им дадовте некаков живот, бидејќи сите ги сакате, па заедно и ќе се запеете, тоа е необјасниво убаво, особено кога цела сала пее, ама тивко. Или молчи и слуша, така што повеќе не си сигурен има ли некој тука за на крај сите да станат на нозе. Е, тоа не се споредува со било што друго. Секој би требало барем еднаш да се качи на сцена и да го доживее тоа. Инаку, не комуницирам со другите членови од бендот. Кога и да ми се обраќаа се обидував да им помогнам, бидејќи сметав дека по толку заеднички години, сепак, сме пријатели. Меѓутоа, кога проблемот околу нашиот стан во Сплит, од кој буквално бевме исфрлени на улица, се појави во јавноста, кога многу колеги од сцената и надвор од неа ми дадоа поддршка, кога 10.000, главно, непознати луѓе ми упатија зборови на поддршка, од моите пријатели од бендот немаше ниту глас. Ниту една електронска пошта за да ми кажат дека не е в ред ова што ни се случува на мене и на моето семејство. Дали ми верувате дека тие не беа во состојба да направат ниту еден клик на страницата „Апел на совеста“ на „Фејсбук“ што за моите родители го направија сограѓаните што не ги познавам приватно. Сакав да кажам дека пријателите се оние што ви сакаат добро и тоа го покажуваат на дело, а нив не мора задолжително да ги гледате секој ден. Пријателите се препознаваат кога сте во неволја...

Во осумдесеттите години од минатиот век Вашите песни беа химни на љубовта. Во Америка отидовте во време на најголема слава и сето тоа поради љубовта што во меѓувреме згасна. Како сте сега, како се снајдовте таму?

-Тука е лесно да се снајдеш, земјата е огромна и системот ги поддржува идеите и работата на секого. Пит и јас сме во брак околу 18 години, имаме син од 11 години, Тони, работиме, свириме и одиме на кратки турнеи, работиме заедно во нашето студио во Сан Педро, животот е повеќе од добар и среќен. Значи, да не постоеше грешка во чекори, не би се случило ни ова што денес го имам. Благодарна сум на сите грешки токму затоа што постои ова денес.

Сплит е Вашиот град, планирате ли воопшто враќање во Далмација? Дефинитивно, конечно, и постојано?

- Дефинитивно, не. Мојот живот доби комплетна форма тука во Калифорнија, половина од животот сум овде. Мојата мала фамилија Пит, Тони, Бепс и јас сме комплетно како дома. Тука ми се пријателите, се занимавам со најдобрата работа на светот, дури и сонувам на англиски јазик, а тоа ви е нешто како „завршна“ фаза. Но, доколку овој долгогодишен процес околу враќањето на нашиот дом, кој со сила ни е земен и за кој се надевам судската пресуда позитивно ќе се разреши, ќе доаѓам кај моите во Сплит, се разбира, и во Скопје и во Битуше. Крајно време е сите да се собереме во заедничкиот дом во кој пораснавме. Мајка ми и татко ми доаѓаа и тука, но ова е сосема туѓ и непознат свет за нив. Велат дека е доцна за некое селење, дека се престари за големи промени. Јас и маж ми постојано ги наговараме, патем тој ги обожава и сака да бидат со нас, да живееме заедно, но џабе.

Велите, веќе размислувате на англиски. Со што ве освои Калифорнија?

- Прво со Пит, а потоа и со климата. Со локална култура и либерализмот.

Кои особини од Вашиот сопруг беа клучни да го забележите и да останете заедно. Што сакате кај него?

- Кај него се' ми е убаво. И денес, како и пред 19 години, ме привлече со хуморот и со сончева диспозиција. Секогаш е добро расположен и најлошото што може да го каже, особено кога е многу лут, е „ама ајде немој така“. Фамозен е, со бистар ум, добро изгледа, безгрешно е добар музичар и пејач и што свекорот и свекрвата го обожаваат, а и тој нив. Со Пит добив на лотарија, да барав таков гарант немаше да успеам да го најдам. Слични сме речиси во се', истомисленици, ние двајца еден на друг сме си најдобри пријатели со додавка на онаа втора привлечност, која сето тоа го искачува на највисок степен.

Колку бракот на музичарите, уметниците, се разликува од другите? Има ли декаденција или се' се базира на многу музика?

- Претпоставувам дека не се разликува многу од оние бракови во кои сопружниците имаат заедничка страст за било што и тоа заеднички го прават.

Колку мајчинството Ве смени?

- Сосема, дури и она малку себичност што ја имав исчезна во моментот. Цел живот ми се врти околу синот. Сметаме дека ќе се вратиме на стариот начин на животот кога тој ќе наполни 80 години. Го обожавам. Не постои ништо што не би направила за својот син. Жал ми е што никогаш нема да го запознае најдобриот дедо на свет, дедо Коста кого одамна веќе го нема. Дедо и јас секое утро со велосипеди би оделе до пазар, би купиле што ни треба и би се потпреле на шанкот во слаткарница и би уживале. Дедо „лоза“, а јас крофна, па пак... Уживање и убави спомени од детството.

Што е со Вашите македонски корени?

- Интересна е сторијата за лозата на Николовски, за „Свети Јован Бигорски“ и прадедо поп Ташко. Сето тоа мене ми го раскажа дедо ми, а јас му го раскажувам на мојот син Тони. Нека знае детето од кои страни на светот е дојдено и што се' има во себе. Јас сум половина Македонка, по татко. Тој е од Битуше, моето најомилено и најубавото село на светот. Ако не знаевте од каде доаѓа најубавиот ајвар на светот, сега знаете - од роднините на татко ми од Битуше.

Никако не можам да Ве замислам во кујна, заглавена меѓу тенџериња и запршки. Дали впечатокот ми е погрешен?

- Готвам одлично, ама не ве лаже впечатокот дека тоа не е моето омилено место во куќата. Секогаш на менито имаме домашна супа и месо на скара, како и свежа салата. Тоа е задолжително, најмногу поради Тони. Еднаш до два пати неделно се јаде риба, а скарата е специјалност на ��ит. Понекогаш ќе се осмелам да направам некој од специјалитетите што ги научив од дедо Коста (на пример, да сварам грав, бакарда). Некогаш ќе подготвам и некој специјалитет од Загорје, главно, печам место, црвеното го јадеме минимално, сакаме здрава храна, свежа и органска.

Физички речиси и да не се сменивте, ген или?

- Да, се сменив, но, благодарам на комплиментот. Не варирам во тежина, можеби тоа ме спасува. Никој во фамилијата нема вишок килограми ниту, пак, недостаток од мускули, сите сме многу подвижни и спортски типови и со брз метаболизам. Јас, всушност, имам проблем да задржам неколку килограми. Кога ќе успеам да добијам два-три килограми на овие 50 изгледам супер. Но, штом ќе ги загубам изгледам уморно и добивам сосема друг лик.


#
Статијата е прочитана 7757 пати.

Испрати коментар

Од: deli
Датум: 13.12.2010 13:34:59
Blagodaram. Textot go pročitav so interesovanie i zadovolstvo. Po moe ubava i mila Liljana Nikolovska beše edna od najsimpatičnite a najubavi pevačici vo bivša YU. Na You Tube odvreme navreme gi slušam Balkanskom ulicom, Put putujem i mnogu drugi. Srekno, Liljana, pozdrav!
Од: jordanka od skopje
Датум: 13.12.2010 13:40:31
Bravo za Liljana.Taa e dete so "senka"(harizma).Mnogu mi e drago se sto slusam za nea.Sakam povtorno da dojde i da napravi koncert so nejzinite stari hitovi.Nezaboravni se , isto kako vremeto vo koe gi slusavme.
Од: renata
Датум: 13.12.2010 20:01:27
Grupata Magazin edel od mojata mladost.Uzivav vo pesnite i denes sakam da gi pustam,da se potsetam na moeto ubavo vreme.blagodarnost do Utrinski vesnik sto ja najdovte najdobrata pejacka,vokal sto asocira na ljubov, na romantika i sreka
Од: Angelko Grozdanov
Датум: 13.12.2010 21:30:41
Дека нејзините изведби и нејзинарта песна се фантастична оставштина од музиката на 80-тите на поранешните ЈУ простори, е повеќе од точно. Ама не разбирам зошто со сила од нејзе правте македонка.

Најди! во Утрински
Забава
Распеаниот премиер ги воодушеви присутните
Излезе постхумниот албум
Ќе се соблече за Армани
Почина филмската девојка на Будимир Трајковиќ
 

Romanian opposition has a 'clinical obsession' with ousting president Basescu
Montenegro is officially awarded EU candidate status
Paris Agreement is contested on fifteenth anniversary