Број 3414  понеделник, 25 октомври 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон








Site Meter

Мислења

Идеологијата на мултикултурализмот

Ивор Мицковски

Треба да ја победиме идеологијата на мултикултура-лизмот - таа погрешна идеја го урива плурализмот и е против соживотот

Фрау Меркел со својата апокалиптична изјава за неуспехот на мултикултурализмот во Германија ја стаписа европската јавност. Германија и нејзиниот естаблишмент се лажеле самите за успешноста на германскиот интеграциски модел. Но, прашањето е следново: Дали Меркел сериозно му пристапува на проблемот мултикултурализам или, пак, не' предупредува за нешто што е веќе широко распространета реалност низ цела Европа. Подемот на ксенофобијата! Од тој аспект изјавата на Меркел ја сфаќам како интелигентен политички трик со кој им го украде популистичкиот простор на ултрадесничарите и со кој си купува време. Трик, кој го изнесува проблемот на површина и без каква било материјална расправа за мултикултурализмот, најавува почеток, а не крај на една дебата контроверзно отворена од Тило Сарацин, поранешниот висок германски банкар и политичар. Германија е земја каде што по зборовите следуваат делата, така што сигурен сум дека во скоро време проблемот сериозно ќе се разглоби и ќе добие свој далеку поконструктивен епилог.

Едно е сигурно, европскиот мултикултурализам, без оглед што на многу полиња е различен од балканскиот, доживува слична криза. Францускиот пристап на асимилација, на соголување од претходниот идентитет, за да се прегрнат идентитетот, јазикот и културата на земјата- домаќин се покажа катастрофален. Истото тоа важи и за англосаксонскиот модел, односно принципот на правно и лингвистичко изедначување на домаќините и на странците. Основна грешка на мултикултурализмот, каде и да било, е што се обидува на одредена територија, преку закони да ги зачува и да ги конзервира сите различни културни заедници. Воедно, тие различни културни заедници треба сами да раководат со сите аспекти на заштита на сопствениот идентитет. Тоа е контрадикција во самиот старт! Културните заедници на тој начин се поттикнати да се сегрегираат и да се сегментираат, да се одржуваат на негативниот поттик дека се' додека некој не ти се меша во традициите, можеме мирно да егзистираме.

Овие заклучоци важат и за Македонија каде што од двете страни се' повеќе се забегува со мултикултурализмот. Мултикултурализмот не и' е потребен на една мултиетничка нација. Јас лично и' се спротивставувам на идеологијата на мултикултурализмот, која проповеда и создава фрагментација во општеството и поделба на етникумите во културолошки гета. Идентитетот, доблестите и квалитетите на една мултиетничка нација се градат и се истакнуваат само во соживот со различното, во натпревар со различното, во заеднички подвизи, каде што секој поединечен придонес има начин да дојде до израз и да биде заеднички прифатен и прославен. Верувам дека културата на секој посебен народ треба да биде дел од општата култура на секој друг народ. Така, комплицираната дистинкција меѓу народ и нација би се анулирала и следејќи го американскиот принцип на плурибус унум, секој поединечен квалитет и карактеристика на еден народ, би станал дел од културолошкиот и од идентитетскиот багаж на сите народи во една нација.

Сите примери на мултикултурализам се приказни на тежок и мачен соживот. Швајцарија е исклучок за кој, за да се дојде до него, во минатото се воделе големи внатрешни борби. Австро-Унгарија не беше друго освен голема мултикултурна држава во која секој народ работеше против другиот и против централниот систем, а на крај таквите превирања доведоа до целосна дезинтеграција на државата. Белгија и Канада се бикултурни држави и тамошните проблеми ни се добро познати. Но, Македонија денес не само што е мултикултурна држава де јуре и де факто, туку се' повеќе се зацврстува идеологијата на мултикултурализмот. На Македонија и' е потребен единствено плурализмот за таа слободно да развива и да промовира здрав идентитет и соживот. Плурализмот е тоа што ја вреднува различноста и не ја претставува како хендикеп. Плурализмот е тој што создава квалитет од различноста, затоа што ја фаворизира различноста базирана на cross-cutting cleavages, односно различност базирана на побратимување и припадност што се вкрстуваат, кои се меѓузависни и меѓусебно дополнувачки, а не како во мултикултурализмот каде што различностите се поклопуваат една со друга, се акумулираат далеку една од друга за потоа да си се наметнуваат. Затоа треба да градиме едно плуралистичко општество, затоа што само таквите општества се во состојба да ја канализираат мултикултурната хетерогеност.

Постои уште еден проблем, мултикултурализмот бара дистанца и толеранција на различните култури. Тој не разликува дали културолошките практики му се наметнати на едно дете во име на културолошката заедница во која живее или, пак, станува збор за личност што слободно одлучува, која е информирана и која размислува за културолошките алтернативи. Во ваквите општества, ниту во образовниот систем ниту во самото општество не постои поттик за приближување, за запознавање, за разбирање на резоните на различните етнички заедници. Поентата ми е дека ако меѓуетничките односи и културолошките разлики треба да функционираат на принципот на толеранција и традиционализам, евентуално, во даден момент, трпението ќе се потроши.

Дополнителен проблем е тоа што повеќето веруваат дека и покрај реалноста на постојаното мешање на културите, особено на балканските простори, сепак, треба да сме во постојана потрага не по тоа што стануваме, не како се развиваме, не тоа што сме, туку во потрага по локалната култура што е оригинално автохтона и која, наводно, е безвременска. Дотолку е се' поапсурдно, што со самата поделба, односно гетоизација, која настанува како резултат на мултикултурализмот, со самиот факт што одреден етникум доминира на одредена територија, дополнително се урива тоа што за некои била основна, историска или автохтона култура на земјата. Така сфаќаме дека мултикултурализмот не е ништо повеќе од еден тивок конфликт на монокултури.

Ние не живееме културолошки плурализам, туку плурализам на монокултури. И одиме во круг - кога една културна заедница тврди дека брани некои свои традиционални вредности или карактеристики, притоа избегнувајќи ги другите, не прави ништо друго, освен што го зајакнува мултикултурализмот. Но, мора да разбереме дека во модерните општества, иако е точно дека идентитетот се базира, пред се', на религијата и на етничноста, тој, сепак, мора да се гради и да се надградува во цивилното општество, во духот на националната целина, да го отфрли конформизмот на традицијата. Кога би требало да избирам што е поопасно, што повеќе треба да се надмине, би рекол дека од религиозноста, поголем проблем е етничноста. Религиозните војни завршија пред 300 години, етничките и денес постојат. Тие се вечни и повторливи. Тоа е сосема доволен аргумент за Тило Сарацин и за сличните на него сејачи на страв.

Првиот чекор или предуслов за излегување од мултикултурализмот, всушност, е преку слободната личност што свесно посакува да дознае и да осознае повеќе, која ја има слободата да излезе од границите на стариот и наследен етос. Едноставно, не можеме да го прифатиме како правично и разумно едно општество каде што луѓето се ограничени да живеат во предетерминирани средини, со предетерминирани вредности. Затоа велам дека повеќе од борба против мултикултурализмот како институционална рамка прво треба да ја победиме идеологијата на мултикултурализмот. Таа погрешна идеја што го урива плурализмот и која е против соживотот.

(Авторот е аналитичар)


#
Статијата е прочитана 811 пати.

Испрати коментар

Од: Igor
Датум: 25.10.2010 12:56:56
Smetam deka ste gi izmesale konceptite prijatele. Kulturniot pluralizam, i zastita i neguvanje na istiot, kako obid za (1) podobro samo-razbiranje na grupite, a potoa kako osnova za (2) nivno megju-razbiranje i podobra integracija e osnova na multulateralizmot (Kymlicka, Taylor). Sekako, potrebno e razlikuvanje pomegju deskriptivniot multilateralizam [ona sto e: pluralizam na kulturi koi ziveat edna pokraj druga] i normativniot multilateralizam [ona sto treba da bide: koegzistencija i politiki za razbiranje na kulturite kako osnova za nivna integracija]. Pozdrav..
Од: Ози
Датум: 25.10.2010 15:13:16
Мултикултуралисмот ќе постои оној ден кога нема да постои религијата, таа гадост што ги гуши и дави опшествата и луѓето и не дозволува развој на слободни личности.
Од: tomo
Датум: 26.10.2010 01:34:36
Odi vo Grcija promoviraj multikulturalizam prijatele.

Најди! во Утрински
Насловна
Тиквешански
Европа во штрајк
Уште еден празник прославен со партиски делби
Груевски како Ѓукановиќ
Одложено судењето за бродот „Илинден“
Ноќ за паметење со мостарскиот заводник
Обама на полувреме
Каменица гледа со страв кон иднината
Камења ќе ни паѓаат врз куќите
Србите сакаат хрватски ентитет во БиХ
Роди близнаци
Македонско-бугарски историски контроверзии (13)
Виш управен суд без пари
Колерата стигна и во Пакистан
Прерана моќ
Плус милион евра за „Филип Втори“
Унгарски бизнисмен ни дојдоа на гости
Карикатура






Belgian court awards €15,000 to asylum seeker
Croatian government survives no-confidence vote
Serbia makes another u-turn on Europe