Камења ќе ни паѓаат врз куќите
Жителите на Косоврасти се спротивставуваат на намерите да се даде под концесија ридот што е веднаш до селото
Жителите на Косоврасти не дозволуваат да се минира ридот што се наоѓа веднаш до ова дебарско село. Тие најжестоко ќе се борат против намерите на Министерството за економија да го издаде ридот под концесија, со цел тој да се минира и ископува, што се планира веќе за почетокот на ноември. Овие луѓе предупредуваат дека доколку властите не отстапат од ваквата идеја, селото може да биде уништено, а во најмала рака камења ќе паѓаат врз нивните куќи додека трае минирањето.
Од Косоврасти велат дека селото ќе се уништи ако на 1 ноември 2010 година Министерството за економија ја додели концесија за користење на ридот, што се наоѓа на 60 метри од селото. „Според спецификацијата на тендерот, ридот се дава на користење, што значи дека некој ќе минира, ќе ископува секојдневно, ни помалку ни повеќе, туку на 60 метри од селото. Значи, ќе минира во нашите дворови. Замислете што ќе се случи ако се минира ридот, камења ќе паѓаат врз нашите куќи. Селото ќе се уништи“, изјави претседателот на месната заедница на село Косоврасти, Аџија Куртоски.
Од општината реагираат дека не е почитувана процедурата за доделување на концесијата, бидејќи Дебар нема дадено согласност за распишување на ваков тендер. Во јуни била стопирана првата постапка за доделување на ридот под концесија, а сега повторно истата локација е ставена во тендерот. „Еднаш веќе реагиравме како месна заедница и како општина за ова прашање до Министерството, каде што нема писмена согласност за изведување на работите и давање под концесија. Сепак, тие повторно ја почнале процедурата, не надевајќи се дека ние ќе забележиме. И навистина, овој пат случајно ја откривме цела работа. Законот е јасен, а тоа е дека без согласност и во случај кога станува збор за загрозување на човековото здравје и на животната средина, не се доделува концесија“, објаснува Куртоски. Од општината и од месната заедница бараат итно прекинување на постапката за доделување на концесија.
По ваквите реакции Министерството за економија најавува дека уште еднаш ќе ја преиспита својата намера и ќе ги разгледа жалбите на граѓаните што таму живеат, по што ќе ја донесе својата конечна одлука. Значи, пред да се даде ридот под концесија, ќе се направат дополнителни анализи. Сепак, од овој ресор вчера за „Утрински весник“ изјавија дека уште пред да се објави тендерот, Економија побарала мислење од сите надлежни институции, според кои давањето на ридот под концесија не било проблематично. Тоа тие го навеле во одговорите што ги испратиле до Министерството. „Ние постапивме во согласност со Законот за минерални суровини, а целата процедура се одвива јавно. Сепак, уште еднаш ќе го разгледаме целиот процес“, објаснуваат од Министерството за економија. (Ек.Р.) |