Вооружени разбојници ограбија менувачница во Скопје
Повредени во грабежот нема. Двајцата ограбувачи побегнале со плен од 1.500 евра
Ново разбојништво во менувачницата „Луна стар“ во Трговскиот центар „Антико“ во скопската населба Карпош 4. Двајца разбојници под закана со пиштол ја принудиле вработената во објектот да им ги даде парите, по што побегнале. Од полицијата информираат дека одзеле 1.500 евра. По нив се трага.
Разбојништвото се случило околу 9,30 часот.
„Две маскирани лица, од кои едното вооружено, влегле во менувачницата и под закана со пиштол го извршиле разбојништвото, одземајќи 1.500 евра“, потврдија од полицијата.
Десетина минути подоцна, голем број полицајци пристигнаа на самото место. Додека вршеа увид, вработените во менувачницата, во чиј состав има и уметничка галерија, се обидуваа да се соземат од шокот. Во сендвичарницата и во спортската оболжувалница, лоцирани веднаш до менувачницата, велат дека се' се случило многу бргу.
„Дури потоа кога жената излезе од менувачницата и почна да вика, разбрав што се случило“, вели еден од вработените во околните објекти.
Оваа менувачница беше ограбена и кон крајот на јуни минатата година. Разбојништвото извршено околу 8,30 часот беше дело на двајца маскирани и вооружени мажи, кои со спреј го испрскале в очи сопственикот на менувачницата, зеле околу 20.000 евра (во денари и девизи) и побегнале. Очевидци тврдеа дека по разбојништвото, двајцата ограбувачи со трчање побегнале кон булеварот „Партизански одреди“, каде што, веројатно, ги чекал некој.
Во ТЦ „Антико“ нема обезбедување, освен една филијала на банка, која има најмено сопствено обезбедување. Дуќанџиите и тогаш, а и денес се жалат дека зачестиле разбојништвата.
„Местоположбата ни е таква што разбојниците можат да побегнат и да излезат од Скопје и преку Ѓорче Петров и преку ‘Илинденска‘ кон Косово“, велат тие. (Г.А.) |