Фетус стар пет месеци фрлен во канализација во Гостивар
Недоносеното бебе го пронашле работници при отнување шахта
Киро Кипроски
ГОСТИВАР - Човечки фетус стар околу пет месеци вчера утро беше изваден од шахта при отнување канализациска мрежа во Гостивар. Работниците на „Комуналец“ биле вчудовидени кога меѓу купчињата отпад од тегли, шишиња и конзерви, испливал и човечки фетус, кој личел на кукла. Неверојатното откритие веднаш го извадиле и ја повикале полицијата. Првичните претпоставки се дека станува збор за фетус стар околу четири-пет месеци и дека, најверојатно, станува збор за насилно прекината бременост. Во тек е истрага како и зошто била прекината бременоста, но и за сите лица што биле на инволвирани во овој несекојдневен и шокантен случај.
Клопчето почнало да се отплеткува кога се запуштила канализацијата пред зградата на улица „Павле Аврамовски“ број 7/3, во гостиварската населба Касарни. Поради излевањето на водата од шахтата и неподносливата реа што се ширела од фекалите, станарите уште минатата сабота го пријавиле случајот во „Комуналец“ и побарале од нив да интервенираат.
Екипите на ЈКП „Комуналец“ излегле на терен вчераутро, но никој од работните не можел ниту да претпостави дека меѓу купиштата тегли, пластични шишиња, конзерви, најлон-кеси со комунално ѓубре и друг отпад, ќе биде пронајден и човечки фетус. Тој веднаш бил изваден од шахтата и итно била известена полицијата за необичниот настан.
Пред зградата број 7/3 на улицата „Павле Аврамовски“, една од станарките со црево го миеше асфалтот од остатокот на отпадот што беше изваден од канализацијата.
„Работниците, кои дојдоа на наш повик, од запушената канализација од шахтата извадија отпадоци, а потоа и човечки фетус. Го ставија на зеленилото покрај шахтата, беше долг дваесетина сантиметри и личеше на кукла. Сите се чудиме и се прашуваме кој го фрлил во нашата канализација? И другите станари, како и жители на околните куќи и на другите две станбени згради, беа вчудовидени, вознемирени и со загриженост го коментираа непријатниот случај и со нестрпливост го очекуваат расплетот“, раскажува очевидец на настанот.
Истражниот судија на Основниот суд Гостивар, Елјеса Алији, заедно со јавен обвинител и крим-техника изврши увид на местото. Во кусата изјава рече дека издал наредба да се изврши обдукција на човечкиот фетус во Институтот за судска медицина во Скопје за да се дознае колку месеци е стар, кога и како настанала смртта. За детали, како што вели истражниот судија, ќе треба да се
причека додека истрагата не ги пронајде сторителите и не го расветли целиот случај.
Првичните сознанија на истрагата укажуваат дека станува збор за прекинување на бременост. Во расветлувањето на овој несекојдневен случај, истрагата ќе треба да ја пронајде жената врз која е извршен абортус, да ги утврди причините за прекинот на бременоста, каде бил извршен абортусот и колкумина биле инволвирани во тоа. Засега е нејасно е дали абортусот бил извршен во домашни услови на диво или, пак, во здравствена установа и како се нашол во канализацијата во реонот, кој е во непосредна близина на гостиварската болница. Истражните органи имаат полни раце работа во расветлување на сите тајни што ги крие овој случај. |