Нема спотови за огромните хонорари на функционерите
Марина Маркова, Куманово
Изминатите денови се изнаслушав коментари, критики, па дури и навреди на сметка на штрајкот на наставниците, а се' со објаснување дека во светот владее криза, па наставниците работат само два часа, земале поголеми плати од докторите, работниците работеле за 100 евра месечно, а еве аздисаните бараат поголеми плати, кои требало да им се зголемат за 44 отсто. Лесно му е на Латас да ни држи лекции кога човекот веројатно со плата од 250 евра си купил џип, станови, летува во монденски летувалишта, а не познавам наставник кој има такви услови за живеење. Сигурно имаат помало образование и способности од именуваниот.
За да ме сфатат и оние кои не го познаваат системот на образование, ќе почнам со ред. Наставниците земаат 15.400 денари плата, а работат шест часа активно на училиште и два часа дома, на подготовка на часовите за наредниот ден. Платите им се зголемија 20 отсто - пред две години имаа 12.900 денари. Дали оние кои критикуваат знаат колку сите високообразовани кадри во училиштата платиле за своето образование? Претпоставувам дека оние што критикуваат имаат деца или внуци кои студираат, па приближно можат да пресметаат. Ако кој било од нас отиде кај мајстор за поправка на автомобил, кујнски апарати или градел куќа, нека пресмета колку дневница земаат мајсторите кои имаат завршено средно образование од трет или четврт степен, па сето тоа нека го поделат со дневниците на наставниците. Жално, но вистинито е дека еден наставник во текот на денот поминува со 150 ученици на кои се труди да им даде навистина коректно знаење и воспитание, согласно условите во кои се изведува наставата.
Јасно му е на секој наставник каква е состојбата во државата, знаат дека работниците земаат плата од 50 до 100 евра, но, од друга страна, на протестот на ССМ не видовме незадоволни работници, а имаа прилика и шанса. Велат се плашеле работниците да излезат оти ќе ги изгубеле работните места. Па, почитувани, во целиот свет работниците штрајкуваат за разни проблеми, па тогаш зошто не и во Македонија. Платите на работниците не им ги даваат наставниците, туку газдите или фирмите во кои работат. Спротивно на секоја разумна причина во Министерството за образование се поделиле дневници во висина од 230.000 евра а во Министерството за финансии во комисиите месечно земале и по три нивни плати на име хонорар и одеднаш молк во јавноста - нема реклами, нема спотови, нема објаснение каде се тие пари за хонорари и дали власта поднела кривични обвиненија против оние кои незаконски земале народни пари.
Почитувани сограѓани, кога ќе ги соберете сите тие украдени пари, како и оние кои се дадени за реклами и восочни фигури, тогаш плати ќе има за сите, не само за просветарите. И в ред сите ние како граѓани е да имаме разбирање за состојбите во државата, ама кога го прават сите, тоа а не за едни ќе има мед и млеко, а за другите корка леб. |