Високите температури го вклучија алармот за пожари
Драматичната ситуација со огнената стихија на планината Беласица ги врати стравувањата од минатата година
Јулијана Кимовска
Високите температури и човечкото невнимание изминатиот викенд им отворија многу работа на противпожарни служби, токму кога помислија дека летово ќе здивнат од огнените стихии што беснеат по шумите. Дури оние, за кои претходно се сметаше дека се држат под контрола, се разгореа, заканувајќи им се на околните села и на шумските појаси. Но, сепак, надлежните служби велат дека, и покрај последните поголеми пожари, состојбата со шумските пожари не е алармантна. Тие нагласуваат дека бројките и штетите од летово не можат ниту да се споредат со она што се случуваше низ Македонија во истиот период лани.
Големиот пожар што избувна на планината Беласица и натаму се заканува да ги зафати и селата Свидовица и Куклиш. И покрај напорите на противпожарните служби да го локализираат пожарот, тој целосно им избега од контрола и со помош на силниот ветер продолжи да се шири низ шумските појаси на планината и кон селата. Завчера беа ангажирани и два армиски хеликоптера за да помогнат во гаснењето на огнената стихија, но и покрај тоа вчера Дирекцијата за заштита и спасување побара помош и од жителите на околните села, кои претходно одбиваа да се вклучат во гаснењето на пожарот. Апел за помош беше испратен и до планинарските и ловечките друштва во тој регион.
Противпожарните служби се' уште не успеваат да го смират и огнот кај селото Цер, Кичевско, кој гори повеќе од една недела, а последниве денови пламените јазици го зафатија и атарот на селото Вранештица.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека кај Цер гори нискостеблеста шума, грмушки, трева и смрека, а опожарена е површина од 90 до 100 хектари.
И пожарот кај месноста Тумба во атарот на селото Тројаци, Прилепско, зеде замав и поттикнат од високите температури и поволниот ветер се прошири во два правца, зафаќајќи 100 хектари шума од даб и бука. Од пожарите кои избувнаа минатиот викенд, според информациите од ЦУК, локализирани се пожарот кај селото Слатино во близина на Македонски Брод, потоа пожарите кај Нов Дојран, Делчево, Гевгелија, Царевиќ и Марчино.
„Високите температури сами по себе не можат да бидат главни причини, бидејќи местата каде што се појавуваат пожарите се на повисока надморска височина, што значи и температурите се пониски. Затоа, најголеми виновници за избувнувањето на пожарите се сметаат луѓето, кои од најразлични мотиви ги потпалуваат шумите“, објаснува Мишко Талески, портпарол на Центарот за управување со кризи.
Противпожарните служби и од ЈП „Македонски шуми“ уште пред почетокот на летото предупредија дека без потребните технички средства состојбата со пожарите ќе биде тешка за справување.
Поради искуството од минатата година сите тие предупредуваа дека без потребните противпожарни авиони, современи возила и опрема, како и малиот број пожарникари лесно може да ни се повторат огнените стихии и штетите од минатата година.
И покрај предупредувањата, тендерот за набавка на оваа опрема беше распишан кон крајот на јуни годинава, а авионите и возилата се очекуваат да пристигнат дури за неколку месеци.
Од почетокот на годинава до крајот на јули службите забележале 114 пожари во кои биле уништени 855 хектари шуми и тревни површини, а само десетина од почетокот на август.
Од ЈП „Македонски шуми“ велат дека оваа бројка на пожари е многу помала од онаа во истиот период лани, кога буквално гореше во секое место во државата.
„Бројките на пожари годинава со оние од лани се неспоредливи. И штетите се минимални годинава. Иако ги немаме целосните податоци за последните пожари, сепак ни одблиску состојбата не е како минатата година“, вели Бранко Клетнички од „Македонски шуми“.
Дали пожарите до крајот на летото ќе зачестат или ситуацијата ќе биде мирна, според Клетнички, најмногу ќе зависи од температурите, како и од подготвеноста на надлежните служби.
Лани, само од средината на јули до почетокот на август, во Македонија избувнаа 512 пожари. Пламените јазици во тој период уништија над девет илјади хектари со шуми, пасишта и ниви. Изгореа околу 8.800 хектари дабови и борови шуми, а на повеќе од 300 хектари ниви и пасишта беа уништени во огнените стихии.
Пониските температури и врнежите од дожд се најзаслужни што, барем досега, не ни се повтори сликата од лани.
„Искуството од минатата година, подобрената координација меѓу надлежните институции, исто така, придонесоа да не се повторат грешките од лани“, вели Мишко Талески. |