Банките ги демантираат обвинувањата на Управата за перење пари
Уни банка, Еуростандард, Поштенска и ИК тврдат дека работат законски
Маја Томиќ
Уни банка и Еуростандард банка вчера јавно ги демантираа обвинувањата од Управата за перење пари и следење тероризам дека не соработуваат со оваа институција. Од Уни банка велат дека имаат кооперативен однос спрема оваа институција и дека во периодот од 1 јануари до 31 јули годинава биле пријавени вкупно 1.365 трансакции, од кои 37 се оценети како сомнителни, 695 редовни и 633 поврзани трансакции. За периодот од 2006 година до 31 јули оваа година, од вкупно 5.436 трансакции, како сомнителни се пријавени 53 трансакции. Од оваа банка велат дека досега од Управата не е поднесена никаква опомена во однос на работењето. Банката има и посебен оддел за спречување перење пари од четворица вработени, стои во соопштението.
И Еуростандард банка испрати демант во кој се потенцира дека секојдневно комуницираат со Управата и дневно се доставуваат сите пријави за редовни трансакции, како и дека постои директна ИП-ВПН линија за он-лајн комуникација, но која по барање на Управата се' уште не се користи.
Од Еуростандард објаснуваат дека во јули од страна на Управата е извршена контрола во банката и дека нема ниту една забелешка во работењето, а софтверот на банката од страна на контролорите на Управата е оценет како еден од најдобрите. Се напоменува дека од 1 јануари до крајот на јули годинава се пријавени 246 редовни трансакции кои надминуваат 15 илјади евра, а се поднесени 131 барање за дополнителни податоци од Управата за перење пари, на што во целост е одговорено. Во 2007 година Еуростандард банка има пријавено една сомнителна трансакција на 1 милион евра. Од Еуростандард бараат официјално и прецизно известување од Управата за изнесените обвинувања во јавноста.
Демант до медиумите испрати и Поштенска банка, од каде што нагласуваат дека имаат одделение за спречување перење пари кое редовно доставува извештаи за сомнителни трансакции и дека од Управата досега не е укажано на никакви неправилности. Од оваа банка ја повикуваат Управата да дава одмерени изјави со кои нема да му штети на угледот на банките.
Од ИК банка потенцираат дека не само што се спроведуваат законските процедури за спречување на перењето пари туку во целост се вршат и известувањата и процесирањето на извештаи за сомнителни трансакции и дека оваа банка прва има извршено правно регулирање за спречувањето на перење пари. И од оваа банка потенцираат дека Управата досега немала никакви забелешки на соработката.
Управата за спречување перење пари завчера објави дека ќе санкционира шест банки кои веќе подолго време имаат некооперативен однос спрема оваа институција. Како некооперативни се посочија Еуростандард, Алфа банка, Уни Банка, Извозна и кредитна банка, Поштенска и Капитал банка. Управата најави дека три од нив ќе добијат казни од по 5.000 илјади евра за извршени сомнителни трансакции. Во просек, посочените банки не пријавиле по две спорни трансакции.
Управата тврди дека лани банките не соработувале, не известиле за ниедна сомнителна трансакција и не формирале одделенија за ризик од перење пари, на што ги обврзувал Законот. Според Ване Цветанов, директор на Управата, биле побарани дополнителни информации од банките за некои сметки на физички и правни лица, но сомнителните трансакции останале непријавени. Тој најави дека итно ќе бара промена на Законот за казните да бидат поригорозни. |