Број 3633  понеделник, 18 јули 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести

Насловна








Site Meter
Култура

Најџел Кенеди ја крена публиката на нозе

Изведбите на „Ајде Јано“ и „Јовано, Јованке“ беа изненадувањето што овој виртуоз го најави на прес-конференцијата, велејќи дека Македонија има прекрасни песни што се пренесуваат низ генерации

Веле Митаноски



Охрид - Со одлична музика, актерство и смисла за сценски настап, но и со охридска вода и скопско пиво, еден од водечките виртуози во светот и едно од најзначајните музички имиња во британската историја, воопшто, виолинистот Најџел Кенеди, го исполни вчеравечер просторот пред „Света Софија“. Кенеди ја воодушеви, ја внесе во својот концерт и својата претстава за музицирање бројната публика, која и со пристојната цена за наши прилики, карта од 1.000 денари, го исполни предворјето, околните простори - надвор од гледалиштето, терасите на соседните домови. Во првиот дел Кенеди сам го свиреше, како што рече, „тешкиот Бах“, барајќи помош од публиката, додека во вториот дел, заедно со својот бенд изведе неколку парчиња од Фатс Волер, а за крај одбра еден чардаш, но и прекрасна обработка, негов аранжман на македонските народни бисери: „Ајде Јано“ и „Јовано, Јованке“. Најџел Кенеди ги освои срцата на публиката и со неколкуте научени зборови на македонски јазик. Охриѓани, пак, посебно го прифатија и со тоа што семејството Боеви му го понуди домот за одмор пред концертот и за време на паузата. Неговата виолина, направена во 1732 година од рацете на кремонскиот мајстор Карло Бергонци, само го дополни впечатокот.

„Бах е генијалец. Неговите дела за виолина звучат како цел оркестар. Делата на Волер се фасцинантни. И двајцата имаат создадено прекрасна музика, најави пред концертот Кенеди, не заборавајќи да додаде дека е многу возбуден што е тука.“

„Првпат сум во Македонија, но познавам дел од музиката од ова поднебје, некои прекрасни песни што се пренесувале низ генерациите, така што нешто од тоа можеби ќе биде вметнато во текот на концертот“, го најави своето изненадување на прес-конференцијата Кенеди, додека концертот го дефинираше како амбиентален и многу интимен.

Најџел Кенеди е единствениот досегашен неконвенционален виолинистички виртуоз, рамен на Вацлав Худачек, Виктор Третјаков, Леонид Коган или Џулијан Рахлин, кој излегол од класичните шеми и строгата дисциплина во нашиот музички храм - катедралната црква „Света Софија“.

А дека Кенеди знае што сака публиката, се покажа пред концертот, односно на паузата кога изјави дека македонската публика во срце ја носи музиката и дека тој е почестен што има таква публика. Меѓу неа беа и покровителот на Фестивалот, претседателот Ѓорѓе Иванов, како и министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска.

Ексклузивниот гостин на „Охридско лето“, но и ексклузивец и водечки уметник на познатата дискографска куќа ЕМИ, е ученик на славниот Јехуди Мењухин, исто така, еден од учесниците во Охрид, но и на школата на водечкиот професор Дороти Дилеј. Зад него стојат светски награди, снимки - бестселери на концерти на Бах, Бетовен, Берг, Брамс, Менделсон, Чајковски, Сибилиус, Волтон... Тој е единствениот со Гинисов рекорд за изведбата на „Четирите годишни времиња“ на Вивалди со продадени 2 милиони примероци од албумот. Кенеди е ненадминат во џезот, на што се осведочи и публиката во Охрид.

На концертот на Најџел Кенеди , една ноќ порано, му претходеше проба пред камерите, но и невообичаен термин за прес-конференција, некаде пред полноќ, што беше уште еден додаток на неговата рајдер-листа од специфични барања и погодности, вклучувајќи го и претседателскиот апартман во хотелот „Инекс-Горица“. „Ние музичарите сме привилегирани да го работиме она што го сакаме. Оттаму и нашата обврска на сите оние кои работат нешто друго, барем тие неколку часа што ќе ги одвојат за музика, да им ги направиме што попријатни, рече маестро Кенеди пред новинарите на пресот одржан на терасата на хотелот „Инекс Горица“.


#
Статијата е прочитана 450 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Од уметност можеш секаде да живееш
„Галичка свадба“ една и единствена
Пулески го гледа Галичник
Сe бара оставка од директорот на МОБ
Фуриозен настап на Трпчески во Нов Зеланд

"""