Од уметност можеш секаде да живееш
Сликарот, скулптор и музичар, Слободан Дане Капевски, автор на „Ото“ се врати во Македонија
Катерина Богоева
Oд уметноста секаде можеш да живееш, ако си добар уметник и ако навистина работиш континуирано. Кога одиш во друга земја и не мораш да го знаеш јазикот, сликите, скулптурите, музиката, секој ги разбира“, вели сликарот и скулптор Слободан Дане Капевски, кој е и музичар и текстописец во хеви-метал групата „Карамела“. Група што во Македонија и поранешна СФРЈ снимаше плочи, одржуваше концерти, но и на новата „Карамела“ што сега снима во Германија.
Дане, како што и се потпишува на своите слики, од септември е во Долна Матка, заедно со гитарата и басот, опкружен со слики во различни формати и со скулптури во метал. Две од нив, грациозно исправени, не' пречекаа во дворот од куќата, за добре дојде по повод враќањето на овој уметник во родната Македонија по 25 години градење успешна кариера во странство. Негови слики и скулптури досега се презентирани на голем број изложби во светот, во Герм��нија каде што најдолг период живееше, но и во Јапонија, Кореја, Хонг Конг, Белгија, Холандија, САД и др.
Вратен дома, тој продолжува да работи за светскиот пазар, напоменувајќи дека отсекогаш па и сега, работел како македонски уметник. Во овој период од годината има изложби во Норвешка и Шведска, но останува во својата оаза крај Скопје, барајќи мир за творење. Роден е во Робово, а неговите слики привлекувале внимание уште во основното училиште во Радовиш. Завршил училиште за примената уметност во Скопје, а на самостојна изложба во „КО-РА“ прв пат се претставил во 1975 година. Дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Белград во 1981 година, се вратил во Скопје и кратко време работел во Археолошкиот музеј, за во 1986 година по една турнеја на „Карамела“ да замине за Англија каде докторирал ѕидно сликарство.
Интересот за изработка на скулптури од метал, од кои најпозната е колосалната скулптура „Ото“ поставена во градот Реда Виденбург во кој Дане и живееше, тој го поврзува со работата на татко му со парчиња отпаден метал.
„Во една пригода седнат во автомобил додека го чекав татко ми и го гледав како на еден отпад одвојува и сече метални шипки, забележав дека автомобилот и механичките работи се копирани од животинската и од човечката анатомија. По завршувањето на студиите и на докторатот, со стекнато знаење за анатомија, започнав да ги гледам парчињата метал како палета. Кога ќе ги ставам во дворов, веднаш знам кое парче треба да биде рака, кое нога. Работам скулптури само во метал, но не модулирам бидејќи тоа го знаат сите што завршиле и средно училиште. Ме инспирира тоа што не сум го видел. Ги правам вертикално, анатомски, од долу кон горе. Така и го правев „Ото“, не ни знаев каков ќе биде неговиот конечен изглед. Татко ми е крив што работам во метал, а тој ме научи и да швајсувам“, се смееше уметникот, кој со задоволство и позираше со скулптурите.
Скулптурата „Ото“, која направена од отпадно железо, е висока 13,8 метри и тешка 7,8 тони, тој ја смета за свое највеличествено дело поставено во Германија. Ја изградил, „за самодокажување“ за само шест месеци (две германски лета). Потоа почнал да гради уште една поголема, повисока и помонументална скулптура, која ја нарекува Клеопатра, инспириран од фактот дека сеуште не сретнал жена со такво име. Но, и поради, како што потенцира, сознанието дека „таткото на историски познатата Клеопатра, потекнувал од Македонија“.
За творештвото на Слободан Дане Капевски во Германија се снимени телевизиски филмови, „Ото“ може да се види и на „Јутјуб“, за изложбите на слики и скулптури изработени и во помали димензии, може да се прочита на интернет, но тој се' уште по враќањето во земјава никаде не ги изложил своите дела. Дел од неговите пријатели од Скопје, меѓу кои има и познати рокерски имиња, му понудиле да изложи дел од сликите во едно кафуле, но и на тезга за книги и плочи во центарот на градот.
„Би сакал да видам како луѓето ќе изреагираат на моите слики и на моите скулптури бидејќи такви нема на отворено во Скопје. Потоа би размислил да ги носам во музеј. Ги гледам класичните скулптури поставени во центарот, меѓу кои има и подобри и полоши и сметам дека скулптурата на Александар е атрактивна за туристи, но не е возбудлива за уметниците. Можеби на Скопје тоа му требаше, но Скопје претера. Што бара Самоил седнат на столче покрај Александар? Оние што ги поставиле не знаеле да го ослободат просторот, да направат еден хит од една скулптура. Не е потребно пет скулптури да бидат добри. Тоа е исто како и кај музиката, една песна е хит на плочата, а останатите со неа се дружат. Откако сум овде гледам дека малку се претерува и со архитектурата. Не ми е јасно зашто на 20 метри од Камениот мост, се гради втор мост, а до него има уште еден. Што ќе се случи кога ќе го пуштат, ќе биде како двонасочна улица за пешки. Наивните луѓе мислат дека тоа е фантастично“.
Како скулптор, кој планира да направи уметничко дело од празни гајби за пиво, неможе да си објасни зашто гајби нема за продажба во продавниците. „Во Германија можам да си купам ако доплатам неколку евра повеќе, а овде не“.
Неговите слики, вели, му го содржат животот. „Едно време размислував што да сликам за да биде вечно, и почнав да сликам еротски или полуеротски слики на луѓе без лица, а во последниот мој циклус портретите се и со лица. Сфатив дека темата човечко тело и животни никогаш нема да одумрат, тие слики ќе бидат вечни. Станав познат во светот со моите слики затоа што од нив ја исфрлив заднината. Не сакам да се гледа каде сцената се случува“.
По многу години ликовно искуство, бројни изложби посочува дека не му е толку важно дали некое дело ќе му се наоѓа или не во одредена колекција. „Важно ми е галеристот да ме почитува, добро да ме продава. Германија сеуште купува слики од мене, а јас морам три пати годишно да одам таму да направам изложба. Таков ми е договорот со менаџерот. Како автор знаеш дека си се пронашол себеси тогаш кога и другите ќе почнат да мислат како тебе. Кога публиката ќе те прифати да можеш да егзистираш без да се менуваш и кога нејзиниот број ќе почне да се зголемува. И, се разбира, кога една слика од 300 евра ќе можам да ја продадам за 30. 000 евра“, рече.
Во Долна Матка далеку од скопските и од светските метежи, Дане „се враќа кај самиот себе“. Тој би сакал и да ги советува заинтересираните млади уметници не како се слика, туку како се прави уметност, на кој начин од неа и да живеат.
„Не е важно дали живееш во мал или голем град во светот, важно е каде ќе се презентираш. Важно е да научиш и да чекаш, насекаде има богати луѓе кои можат да купат твое дело“, потенцираше Капевски, кој бил изненаден дека во Музејот на современа уметност во Скопје знаеле за неговото творештво.
Групата „Карамела“, која претходно била наречена „Долар“, е создадена во 1978 година во Домот на културата „25 мај“ во Скопје (сегашен МКЦ ). Освен Слободан Дане Капевски ја основале и Златко Мустачки - Сокол, Семо, а подоцна и вокалот Стојанчо Андоновски - Тонка. Дане и Тонка се среќаваат повторно во 1994 година и ја реоформуваат „Карамела“ во Германија и со германски музичари издаваат два нови албума на англиски јазик, а имаат и уште два необјавени. |