Фуриозен настап на Трпчески во Нов Зеланд
Со Концертот број 3 на Сергеј Прокофјев во Оукленд, Нов Зеланд, заврши концертната сезона 2010/2011 на нашиот виртуоз
Со настапот во Оукленд со Новозеландскиот симфониски оркестар под диригентската палка на Израелецот Пинчас Штајнберг и изведбата на Концертот број 3 на Сергеј Прокофјев, заврши концертната сезона 2010/2011 за македонскиот виртуоз на пијаното Симон Трпчески.
Ова беше втора посета на Трпчески на далечната островска земја. Во нејзини рамки беа одржани четири концерти, како и семинар на Универзитетот во Оукленд.
Ѕвездениот статус што Трпчески го ужива и на другиот крај од светот беше поткрепен со распродадени концерти, изведби на бис и одушевување од публиката и критиката. Критичарот на угледниот „Доминион пост“, Џон Батон, во текстот со наслов „Блескавиот пијанист настапи во распродадена сала“, меѓудругото, пишува дека по изведбата на Трпчески на концертот на Прокофјев едноставно се бришат од сеќавањата сите досегашни изведби на тоа толку често изведувано дело. Реценз��нтот при тоа ја издвојува и изведбата на македонското дело за бис, заедно со концерт-мајсторот и водачот на челистите од Новозеландскиот симфониски оркестар.
Новата сезона, како што соопшти „Култур оп-прес“, Трпчески ја почнува веќе следниот месец со настапи во Италија, по што продолжува започнатата концертна серија посветена на Рахманинов во Хонг Конг.
Во меѓувреме, новиот компакт диск на Трпчески не се симнува од британската топ 10 листа за класична музика. Овој викенд неговиот диск е на 4. место. Станува збор за вториот компакт-диск на кој нашиот врвен музичар соработува со Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, под диригентската палка на Василиј Петренко и ги исполнува Концертите за пијано и оркестар број 1 и 4 и „Рапсодијата на тема од Паганини“ на Сергеј Рахманинов, комплетирајќи ги сите дела што за пијано и оркестар ги напишал овој руски музички великан. Продуцент на изданието е Џон Фрејзер, а издавач е „АВИ рекордс“.
|