Илегални контејнери со отпад од Британија завршија во Бразил
БРАЗИЛИЈА - Бразилската полиција спроведе истрага откако 64 контејнери со повеќе од 1.400 тони опасен британски отпад беа пронајдени во три пристаништа во земјата. Властите соопштија дека меѓу материјалот, кој бил внесен илегално, тие пронашле батерии, шприцеви, кондоми и пелени. По првичното откритие беа пронајдени уште 25 контејнери со болнички отпад, исто така, наводно од Англија. Британската амбасада во Бразил во соопштението вети „итни чекори“. Уште се наведува дека Велика Британија целосно се противи на секаков вид илегална трговија со отпад. Откривањето на контејнерите предизвика голем револт и едно официјално лице коментираше дека Бразил не е подготвен да биде „канта за ѓубре на светот“.
Контејнерите беа откриени во пристаништето Сантос во близина на Сао Паоло и во две други пристаништа во јужната држава Рио Гранде до Сул. Властите посочија дека стравуваат оти ова би можело да претставува обид да се искористи најголемата земја во Јужна Америка како депонија за опасен отпад на начин, како што се има случено во други делови од светот, вклучувајќи ја и Африка. Меѓу материјалот пронајден во контејнерите имаше батерии, шприцеви, кондоми, пелени и непотребен материјал.
Револтот во јавноста околу овој проблем се зголеми кога беше откриено дека во еден од контејнерите има валкани играчки со белешка на португалски јазик, која вели дека прво треба да се измијат пред да им се дадат на „сиромашните бразилски деца“. (Би-Би-Си) |