Петочната молитва на Рафсанџани предизвика нереди во Техеран
Неколку часови пред да започнат молитвите во близина на Универзитетот беа присутни голем број полицајци
ТЕХЕРАН - Иранската полиција употреби солзавец и гумени палки во обид да растера десетици илјади приврзаници на поразениот претседателски кандидат, Мирхосеин Мусави, кои се собраа на Универзитетот во Техеран за петочните молитви, јави очевидец. Влијателниот свештеник Акбар Хашеми Рафсанџани, кој ја водеше неделната церемонија прв пат од спорните избори на 12 јуни, рече дека многу Иранци се сомневале во официјалниот резултат во полза на тврдокорниот претседател Махмуд Ахмадинеџад. „Ние сите сме членови на едно семејство. Се надевам дека со оваа проповед ќе го надминеме овој период на тешкотии кои можат да се наречат криза“, рече тој во проповедта што беше емитувана на државното радио.
Мусави, поранешен премиер, присуствуваше на церемонијата која претставуваше негово прво официјално појавување во јавност по изборите, за кои тој тврди дека биле лажирани. Властите негираат каква било измама. Рафсанџани, клучен поддржувач на изборната кампања на Мусави, исто така, побара итно ослободување на луѓето уапсени во постизборните безредија и побара да се олабави контролата врз печатот. „Во сегашната ситуација не е неопходно да имаме луѓе во затворите. Треба да им дозволиме да им се вратат на семејствата“, рече тој.
Претходно насобраните во салата, како што можеше да се слушне на државното радио, извикуваа: „Мусави, Мусави, те поддржуваме“ при што ја прекинуваа проповедта на Рафсанџани. Скандирањата се смирија откако тој ја смири масата, барајќи „да не ја загрозува позицијата и светоста на петочните молитви со коментари и слогани“. Прагматичниот поранешен претседател е еден од четворицата постари свештеници кои ги водеа петочните молитви, но тој не го направил тоа два месеца. Пред зградата на Универзитетот полицијата употреби солзавец кон приврзаниците на Мусави кои извикуваа слогани за ослободување на уапсените. Тоа беа најголемите антивладини протести по оние што избувнаа по спорните избори. Најмалку 15 луѓе беа уапсени, јави очев��децот.
Молитвите во центарот на Техеран привлекоа поголем број луѓе од вообичаено. Верниците можат да ја слушаат проповедта преку звучници пред Универзитетот. Претходно висок свештеник повика на смиреност за време на молитвите, јави државното радио, што е знак за загриженоста на свештенството од можни безредија. Новинската агенција Илна од Иран јави дека мобилните телефони не работеле во центарот на Техеран.
Неколку часови пред да започнат молитвите во близина на Универзитетот беа присутни голем број полицајци, јави очевидецот. Многу од нив беа распоредени заради заштита на централниот плоштад „Енкелаб“. Многу припадници на милицијата Басиџ со гумени палки беа забележани во таа област. Изборите во јуни укажаа на внатрешното разидување во оваа земја произведувач на нафта од Исламската револуција во 1979 година, и се' подлабоките поделби во нејзиниот естаблишмент. Најмалку 20 луѓе загинаа во постизборното насилство. (Ројтерс)