Ќе профитираме од косовското ембаргото за Србија
Македонија и Косово потпишаа спогодба вредна 600.000 евра за прекугранична соработка, односно за изградба на заедничка зграда за пограничните служби на граничниот премин Белановце - Станчиќ. Ова е прв проект од билатералната соработка меѓу Македонија и Косово во рамките на ИПА кој има стратегиско значење за економското поврзување на двете држави и за подобра трговска соработка и негување на добрососедските односи, истакна државниот секретар во СЕП, Јован Андоновски.
Според него, Македонија и досега беше најголемиот трговски партнер на Косово, но реализацијата на овој инфраструктурен проект идната и 2012 година ќе придонесе земјава дополнително да ги зголеми можностите за влез на косовскиот пазар. „Со отворањето на овој грани��ен премин дополнително ќе се зголеми можноста за транспортна поврзаност меѓу двете држави што сигурно ќе значи и зголемување на трговската соработка“, рече Андоновски.
Претставникот на косовската влада, Едон Чана, оцени дека изградбата на објектот ќе биде пример за тоа како инвестициите во заеднички гранични точки влијаат врз зголемување на економската соработка.
„Овој проект е од посебно значење за нас и е предвесник на следните што ќе го промовираат развојот на пограничните региони. Убеден сум дека регионите во Косово и оние преку границата, во Македонија и во другите земји, се комплементарни и постојат неискористени можности“, нагласи Чана.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој потенцира дека Македонија сега има шанса да ги промовира своите квалитетни производи кои досега не беа присутни на косовскиот пазар. Производите што доаѓаа од Србија, може да се заменат со македонски. (Н.Р.) |