Кое беше и кое е сега семејството Броз
 Една од ретките фотографии на Јосип Броз Тито со многубројното семејство
Интересни судбини на наследниците на поранешниот лидер на Југославија
Околу три децении по смртта на својот сопруг, татко, дедо и прадедо, семејството Броз не може да се оквалификува никако поинаку од - нормално. Зад Тито останаа сопругата, децата и внуците кои целосно се во согласност со местото во кое живеат - секој нормално, но во просек ниту малку поразлично од обичните луѓе кои ги опкружуваат, а кои носат не толку звучни презимиња.
Со првата сопруга, Русинката Пелагија Бјелосова, Јосип Броз Тито имал три деца - Хинка, Златица и Жарко, но преживеал само Жарко.
Две години подоцна, во 1937 година, Тито ја запознал Херта Хаас во Париз и го добиле синот Александар-Миша.
 Тито ја запознал втората жена Херта Хаас во Париз
Во меѓувреме, во текот на десантот на Дрвар, Јосип Броз Тито ја запознал Јованка Будисавлевиќ, со која немал деца.
Синот на Жарко, Јосип-Јошка, се оженил четири пати. Ги добил синовите Небојша и Виктор, ќерката Златица и внуците Лазар, Лука и Филип. Ќерката Златица од бракот со Миланко Жикелиќ ги има синовите Иван и Вукашин. Вториот син на Жарко, Едвард Броз, има син Жарко, додека втората ќерка Светлана Броз од четирите брака има две деца: Ивана и Соња.
Жарко Броз, Титов син од бракот со Пелагија Бјелосова, роден е во 1924 година. Детството и раната младост ги поминал во Москва. По ослободувањето во 1945 година, Жарко од СССР ја довел својата голема љубов Тамара Вегер, со која во 1947 година го добил синот Јосип-Јошка, а во 1949 година Златица. Децата се' уште му биле неродени кога Жарко почнал да се среќава со други жени и повторно да ја покажува својата мангупска природа. Поради неговата афера со Тереза Кујунџиќ, била ангажирана дури и УДБ-а, а Тито долго време не говорел со својот син. Во 1951 година во бракот со втората жена Тереза, Жарко го добил својот син Едвард. Само четири години подоцна, бил во брак со третата сопруга и ја добил ќерката Светлана.
Во меѓувреме ги посетувал кафеаните и бурно се забавувал. Живеел во куќа на ул. „Ласковиќ“ на Дедиње од советска воена пензија, а од татка си го наследил лозјето во Кумровец. Почина во 1995 година.
Александар-Миша Броз е роден во 1941 година, а таткото прв пат го видел дури во 1945 година. Бидејќи бил дете на Тито од илегалката Херта Хаас, Миша своето рано детство го поминал на разни адреси, во различни семејства.
 Синот Александар-Миша Броз живеел во соседството на Тито
За разлика од братот Жарко, Миша отсекогаш бил добро дете. Не се издвојувал по ништо од останатите деца, бил облечен исто како другите, никогаш, никаде не го следеле придружба и обезбедување. Напротив, во некои ситуации бил дури и поскромен од останатите: во текот на посетата на една војводинска фабрика за колачиња, другарите од одделението му подариле најубава јакна за да не ги посрами со облеката при посетата на фабриката.
Заедно со децата на Жарко, Јосип и Златица, своите белградски денови Миша ги поминал во соседството на Тито, а грижа за нив водела една негова роднина.
„Потоа се преселив во Новаково, во една реновирана гарсониера, и таму поминав околу 10 години. Кога дојдов во Загреб, немав автомобил, имав мотоцикл што го донесов од Белград, а го добив на подарок пред пет години од грчкиот крал. По две години татко ми ми подари ’фиќо‘, кое го доби од ’Застава‘, и тоа со коментарот - дека не смеам да заборавам дека моите пријатели патуваат со трамвај или одат пешки и дека јас сум привилегиран што имам возило. ’Фиќото‘ го возев 10 години, додека не направив судир“.
Миша Броз завршил Правен факултет. Работел како шеф на Одделението за извоз и директор на надворешна трговија во „Првомајска“, како и директор на секторот за увоз-извоз во нафтената компанија ИНА. Од 1993 година полека напредувал во Министерството за надворешни работи на Хрватска, каде што најпрво бил советник на министерот, а потоа ополномоштен министер во амбасадата на Хрватска во Москва, во Каиро и Џакарта - за таква кариера веројатно придонел и фактот што тој говори пет јазици.
Титовиот втор син Александар-Миша е оженет со Мира и има ќерка Александра-Саша и син Андреј. Андреј има ќерка Лука, а Саша ќерка Сара.
Медиумски најприсутен член на семејството Броз, секако, е синот на Жарко од првиот брак Јосип (Јошка), кој го носи името на Тито. Неговата биографија вели дека бил шумар, ловец, металостругар, полицаец и на крајот приватник - со години бил Титов следбеник во ловот и чувар на неговите ловишта, а потоа како полицаец во антидиверзантскиот вод се грижел за безбедноста на својот дедо се' до 4 мај 1980 година. Денес ја води познатата белградска кафеана „Чубурска липа“. Викенд-куќата на Дедиње што ја наследил од татка си го продал и сега живее на поевтина адреса, а од дедото, според сопствените зборови, добил пушка, рачен часовник и својот прв автомобил.
 Внуката Саша Броз во Хрватска е позната по остриот јазик
Брозови не се во добри односи со неговата полусестра Светлана („од неа семејството се одрекло затоа што непристојно се однесувала и го рушела угледот на семејството“), но и со Јованка.
Карактеристичен е обидот на Јошка во 2003 година да влезе во српскиот парламент. Имено, тој беше на чело на коалицијата на четирите партии (Работничката партија на Југославија, Еколошката партија на Војводина, Српската национална социјалистичка партија на работниците, на невработените, пензионерите и селаните и Југословенската партија на добра волја), а на предизборните плакати беше и ликот на Тито и слоганот: „Каде што застанав јас, ти продолжи“.
Единствената вистинска медиумска конкуренција на Јошка Броз е ќерката на Миша, Александра-Саша Броз. Саша Броз е режисерка и поранешна директорка на Истарскиот народен театар во Пула.
Посебно внимание привлече во 2006 година, кога со татка си Мишо го заштити правото на користење на името на Тито и неговиот потпис: благодарение на судската одлука, Миша и Саша, во име на целото семејство, можат да одлучат кој и на каков начин ќе го употребуваат ликот и делото на Јосип Броз
 Јосип Броз Тито со синот Жарко снимени во 1944 година
Саша во Хрватска е позната по остриот јазик (што посебно го покажа откако беше сменета од директорското место на Истарскиот народен театар) и по стилот на облекување: во 2002 година, заедно со Борис Новковиќ, беше прогласена за најдобро облечено лице во Хрватска.
Светлана, ќерката на Жарко Броз од третиот брак со Злата Јелинек, по професија е доктор по кардиологија и интерна медицина, а поголемиот дел од работниот век го поминала на белградската Воено-медицинска академија. По бомбардирањето на НАТО се преселила во Сараево. Светлана отсекогаш била интересна поради бурниот приватен живот, т.е. поради приказната дека живеела многу бурно во ��екоја смисла.
Повеќето членови од семејството Броз денес и' се непознати на широката јавност. Сестрата на Жарко живее како скромна пензионерка во Белград, а нејзините синови се занимаваат со обични работи. Синот на Миша, Андреј, кој дипломирал на московскиот „Ломоносов“, е консултант на систем-интеграторска компанија „Комбис“, во слободно време одгледува зеленчук и живее во Загреб „како и секој обичен Хрват“.
Но, како што во секое семејство има и такви „кои го срамат“, такви има и семејството Броз. Пред се', станува збор за синот на Жарко, Едвард, кој во 1992 година предизвика сообраќајна несреќа во која загина неговиот пријател Гојко Поповиќ.
Покрај Едвард, во црната хроника се запиша и синот на Јошка, Небојша, инаку познат како учесник на автотрки и косопственик на приватното автобуско претпријатие „Мишкомерц“. Во текот на акцијата „Сабја“ во 2003 година е уапсен поради поседување нелегално оружје. Во притвор помина 26 дена, а потоа, според сознанијата на „Време“, обвинението против него било повлечено.
Таткото Јошка објаснува дека во прашање била политичка одмазда, дека тоа „бил обид и да му се подметне дрога и правнукот на Тито да се прикаже како наркодилер“. Како и да било, вестите за Небојша нагло исчезнаа исто како и што се појавија, па може да се претпостави дека, сепак, станува збор за човек кој се затекол на погрешно место во погрешно време.
(Пренесено од белградско „Време“) |